Државата подготвена за турбуленциите кои ќе и го носи приближувањето кон НАТО и ЕУ

Државата има капацитет да се справи со трубулентните политички и безбедносни настани кои ја очекуваат со се поголемото приближување до полноправно членство во НАТО и добивање датум за преговори од ЕУ. Министерката за одбрана денеска го потврди вчерашното укажување од претседателот Пендаровски, дека во идните 40 – 50 дена земјата влегува во период кој може да биде турбилентен.

„Има структури во и надвор од државата кои се противат на оваа стратешка цел исто како што има, за жал и одредени структури во државата кои најверојатно не се многу среќни ако ги почнеме преговорите во октомври. И заради тоа предвидувањата се дека ќе има турбулентни настани, бидејќи такви се случуваа во сите земји кои што беа на прагот на НАТО членство и на почеток од преговори со ЕУ“, изјави Радмила Шекеринска, министер за одбрана.

Сепак и двајцата уверуваат дека земјата има капацитет да се справи со ваквите предизвици и оти на вчерашниот состанок на Совет за безбедност од страна на разузнавачките и безбедносните служби биле презентирани предвидувањата за можни настани и  последиците од нив.

Шекеринска за предизвиците пред земјава во последните чекори кон НАТО и ЕУ зборуваше од Штип каде ја посети касарната која се соочува со сосема поинакви предизвици.

„После долги години успеваме да решиме еден проблем во касарната Штип, а тоа е проблемот со водоснабдување. И како што гледате процесот е некаде до половината и очекувам до почетокот на 2020 година да обезбедиме и санитетска и вода за пиење за сите припадници на Армијата во касарната во Штип“, изјави Радмила Шекеринска, министер за одбрана.

Шекеринска се осврна и на уште еден предизвик за државата, зголемувањето на бројот на мигранти во Грција и можен притисок врз нашата јужна граница, за што рече дека состојбата на границата кон Грција е стабилна, каде во моментов се распоредени повеќе од 50 припадници на армијата.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ