
Државата нема да се откаже од заработувачката за граѓаните да возат на поевтини горива
Државата нема намера да се откаже од екстра заработувачка од акцизата при формирањето на цените на нафтените деривати, што би овозможило потрошувачите да возат на поевтино гориво. Откако најголемиот дистрибутер Макпетрол објави дека со новата Методологија, со која Регулаторната комисија за енергетика од вчера повторно ги одредува цените на горивата, власта и натаму не сака да се откаже од дополнителните зафаќања кај акцизата, министерот за финансии Тевдовски денеска со став дека нема да има никакви корекции во наплаќањето на оваа давачка, и тоа вели, на сите требало да им биде јасно.
Апсолутно нема никакви промени во регулативата. Значи, тоа што е во законите, тоа што е пракса во наплаќањето на акцизата, практично, тоа останува непроменето, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.
Макпетрол, пак, откако РКЕ вчера ги објави новите цени на горивата кои ќе важат наредните седум дена, соопшти дека согласно нивните пресметки, цените би требало да бидат пониски за по половина денар по литар кај сите деривати, од оние што ги утврдија регулаторите.
Кој и зошто ја наметнуваше тезата во јавноста дека цените во услови на слободно формирање ќе дивеат? Нам како трговци, одговорот ни е јасен. Во овој случај, очигледно РКЕ по налог или во соработка со Министерството за финансии, не сака да се откаже од дополнителни зафаќања кај акцизата, за сметка и во корист на потрошувачите и компаниите во земјава, се наведува во соопштението на Макпетрол.
Првиот човек на Регулаторна, Бислимовски, неодамна објасни дека давачките кон државата во цената на секој продаден литар гориво изнесуваат по околу 30 отсто, што зависи од видот на дериватот. Највисоко е зафаќањето на државата кај бензините. РКЕ, вели Бислимовски, нема ингеренции да и наложи на Владата да се откаже од дел од своите приходи.
Но, можам да предложам нов начин како би можела полесно државата да го контролира целиот овој сектор, а тоа е задолжително при увезување на нафта и нафтени деривати во државата, тие да одат во складовите и од складовите да се измерат количините и да се плаќаат соодветните давачки, како што е акцизата и така ќе биде многу поедноставно и за сите компании, вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
Заради правен вакуум претходните две недели дојде до либерализација на пазарот и трговците сами ги формираа цените, но тие не ја искористија ситуацијата, и според признанието и на власта, цените ги формираа коректно, односно не се случија никакви ценовни шокови. Сепак, Владата и РКЕ сметаат дека пазарот треба да се либерализира постепено, со цел да бидат заштитетни потрошувачите.
Нина Нинеска-Фиданоска