Економија Државата да гарантира висока заштита на личните податоци, бараат експертите
Државата мора да гарантира висока безбедност и да преземе сериозни чекори за поставување на безбедносни сертификати на повеќе места, со законските измени со кои Управата за јавни приходи ќе има увид во приходната страна на трансакциските сметки на граѓаните. Бизнисменот Рафајловски смета дека одвојување на приливите од начинот на трошење на парите на граѓаните, за кој УЈП тврди дека не ја интересира, е возможно да се изведе, но мора да се води сметка за заштита на податоците.
„Значи, безбедносен сертификат ќе мора да постои во УЈП, да се знае кој точно ќе ги гледа тие сметки, сериозен безбедносен сертификат треба да поседуваат софтверските компании, кои ќе го следат целиот тој процес, бидејќи тие ќе можат директно да ги гледаат сите бројки доколку имаат таква желба, и затоа и за тоа прашање ќе мора да има многу безбедносни сертификати, и на крајот, останува дека треба да веруваме дека УЈП едноставно решила да си го наплати персоналниот данок секаде и да ја сопре сивата економија, што јас го поздравувам“, вели Горан Рафајловски, бизнисмен.
Неодамна Финансии, УЈП и банкарите на заедничка маса договорија дека законските измени уште еднаш ќе се прецизираат. Тврдат дека УЈП и досега добивала податоци за сметките на граѓаните на писмено барање. Со измените, по автоматизам би се добивала само приходната страна, а за останатите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесе писмено барање. Од УЈП ветуваат дека податоците кои ќе ги добиваат ќе бидат „енкриптирани“ со цел да се заштитат личните податоци, дури и на повисоко ниво од сегашното.
Бизнисот е дециден дека УЈП, за да си ги наплати даноците, мора да има контрола, а граѓаните мора да сфатат дека се рамноправни даночни обврзници со фирмите. Бошков од Конфедерацијата на работодавачи вели дека на овој начин државата ќе се бори со сивата економија.
„Борбата против сивата економија е поделена во повеќе сегменти. Меѓутоа, ако поголем дел од граѓаните учествуваат – свесно или несвесно, и ја повредуваат таа култура на живеење, тогаш навистина не правиме ништо со општеството. И сметам дека не се само фирмите основните даночни обврзници, туку и сите гражани“, вели Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.
Од Финансии тврдат дека нема да има промени кај третманот на дознаките од странство, па приливите од лични трансфери, помош и подароци нема да се оданочуваат со персоналец.
„Се знае што се даночи, а што не. Се даночи се што не е од прво колено, родител спрема деца и сопруг спрема сопруга, а сето останато, секој прилив, се даночи, дали бил поклон или не бил – се даночи, значи дека треба да го променат законот за да не се даночи, а мислам дека УЈП беше експлицитна дека законот останува на сила. Тоа што досега не се даночело, тоа е прашање зошто досега не било правено“, вели Рафајловски.
Неодамна Дирекцијата за заштита на лични податоци реагираше дека законските измени не се усогласени со законот за лични податоци, бидејќи со нив ќе се овозможи нивна преобемна и неограничена обработка.
Нина Нинеска-Фиданоска



