
Дрвокрадци „исекле“ и украле гранична камера за надзор
Денеска рано утрово кога граничните полицајци стигнале до дрво на кое пред два дена била закачена погранична надзорна камера, ги чекало изненадување. Го немало ниту дрвото ниту специјалната камера.
Утврдено е дека дрвокрадец кој ги пустошел шумите околу Злокуќани, (кумановско на потег кон границата со Косово и Србија) го исекол и дрвото на кое била поставена камерата. И двете работи ги качил и си ги однел.
Камерата (со додаток и за ноќно термално снимање) била поставена на дрвото на 25-ти мај, во петокот. За помалку од два дена, украдена е заедно сосе дрвото. Специјализираните камери треба да дадат повеќе податоци за прекугранични илегални преминувања, движење на мигранти и на шверцери со стоки.
Полицијата истражува кој ја украл камерата.
М.С.