ДПИ без ниту една казна за кафанџиите – полицијата со полни раце работа низ Скопје

Пазарните инспектори втор ден во обиколка на угостителски објекти – но, без ниту една пишана казна. Рестораните и кафулињата полупразни, но парковите преполни. Полицијата растеруваше и опоменуваше за да се почитуваат препораките за дистанца и носење заштитна опрема.

Без чочек на маса и гушкање во кафеана помина вториот ден по повторното отварање на угостителски објекти. Но, институциите имаа многу работа во главниот град. Граѓаните веќе втор ден можат да седнат во кафеана или кафуле, но го користат и релаксирањето на мерките и отсуството на полициски час за да се шетаат надвор.

Заради тоа најангажирани беа полицајците. Растеруваа поголеми групи на граѓани, собрани на одредени точки во градот.

Нашата камера сними редица возила како се симнуваат од Водно откако полицијата дојде да ги избрка.

Од таму полицајците добија инструкции да ги посетат и групите собрани во Градскиот парк. Легитимираа и опоменуваа млади кои после два месеци карантин одлучија повторно да се соберат со друштвото.

Инспекторатот не регистрира ниту една казна во вториот ден од работењето на угостителските објекти. Газдите веќе ги препознаваат инспекторите по јакните коишто ги носат додека се на терен, но синоќа ги дочекаа подготвени да покажат дека протоколите за работа се спроведуваат.

Освен во Скопје, Телма сними каква е состојбата и во дел од другите градови. Раздвижено беше на улиците во Тетово, градот кој се заканува да биде ново жариште на Ковид-19.

Граѓаните поделени во ставовите, но повеќето сметаат дека прерано се релаксирани мерките.

Во градот под Шара работеа летните тераси и имаше растојание помеѓу масите, но можеше да се забележи и по четири лица на една маса.

Поголемиот дел од угостителските објекти затворија навреме во 22 часот.

Петар Догов

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ