
Доцни списокот на лица кои одбиваат самоизолација – од вчера до денес 346 лица потпишале изјави
Јавноста се уште го чека списокот на лица кои од различни причини одбиваат да примат решение за самоизолација. Надлежните институции се уште се подготвуваат за подрастично да постапат со непослушните граѓани. Јавно ќе бидат кажани оние кои не се јавуваат на телефон или пак даваат лажни адреси – но, само кога институциите ќе бидат сигурни дека нема да биде прекршен ниту еден Закон со таквата објава. Во изјава за Телма, од Агенцијата за заштита на личните податоци кажаа дека тие вчера дале свое толкување на целата ситуација, во одговор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Во списокот не смее да пишува каква е здравствената состојба на оние кои треба да се самоизолираат, за се да биде во согласност со Законот за општа управна постапка.
„Инспекторите на ДСЗИ ќе треба да оценат дали се исполнети условите за Членот 84 и ќе може да ги објават само името, презимето и адресата на живеење, без откривање на податоците коишто се однесуваат на здравјето на луѓето – што во превод значи нема да може да се открива дали некој е позитивен или негативен на Ковид тестот.“
Од МВР соопштија дека од вчера до денес на повеќе од шестотини лица им се издадени решенија за изолација.
Во текот на изминатото деноноќие на 651 лице им се издадени решенија за изолација, а 346 лица потпишале изјави за самоизолација, велат од Министерство за внатрешни работи.
До Агенцијата за заштита на лични податоци се обратиле и од Владата и Министерството за здравство, а интерес имало и од делегацијата на Европската унија во Скопје.
Петар Догов