
Доцни јулската платата за просветните работници, МОН вели дека платите се веќе на трансакциските
Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) денеска со прес-конференција реагираше дека доцни платата за јули за просветните работници.
Претседателот на Синдикатот Томислав Гиевски од пред зградата на МОН рече дека во образованието не се почитува Законот за работни односи, според кој 15-ти во месецот е крајниот рок да се исплати плата за претходниот месец и се сомнева дека плата ќе добијат и во понеделник на 20-ти.
Според НСОН, кој беше формиран оваа пролет, со таквото третирање се деградираат просветните работници кои, велат, би требало да се столб во општеството.
Од Министерството за образование реагираа дека платите за вработените во средното образование се веќе на нивните трансакциски сметки, додека за платите на вработените во основното образование, Министерството за образование и наука исто така ги спроведе сите потребни процедури.
- „Како што е утврдено во соодветните закони, Министерството за образование и наука ги испрати сите документи потребни за исплата на платите до Министерството за финансии, од каде што добивме повратна информација дека сé е подготвено за реализација на платите на вработените во основните училишта. Сега останува училиштата да ги продолжат понатамошните процедури за финансиски трансфери, така што платите на вработените ќе се пренесат на нивните трансакциски сметки“, наведува МОН.
Во соопштението Министерството за образование и наука посочува дека ја дели загриженоста со сите вработени и за секој проблем во областа на образованието.