Доцни исплатата на плати за вработените во 12 основни и средни училишта во Охрид

Доцни исплатата на плати за вработените во 12 основни и средни училишта во Охрид. Министерството за финансии не ги префрла потребните средства се додека не се утврди дали зголемувањето на платите за околу 2000 денари на училишните секретари, извршено оваа пролет со одлука на советот на општината, а согласно законот за државни службеници, е основано или не е.

Во меѓувреме била покрената постапка пред надлежните институции за преиспитување на таквата одлука, а Министерството за образование со допис ја известило општината дека платата на вработените во училиштата треба да се пресметува врз основа на Колективниот договор за образование, а не според Законот за државни службеници. Од општината велат дека проблемот е во толкувањето на законите, бидејќи секретарите во училиштата не се просветни работници, туку државни службеници.

„Во комуникација сме со надлежните министерства за решавање на проблемот, иако до овој момент немаме добиено официјално образложение зошто доцни трансферот на средства. Ние ќе побараме автентично толкување на законот во Собранието на Република Македонија, а во меѓу време подготвени сме да изготвиме пресметки според старата методологија, се со цел вработените во образованието да ги добијат личните примања“, соопштија од Сектор за образование и култура при општина Охрид.

Од локалната информираат дека во тек се разговори со претставници на синдикатот и надлежните министерства за деблокирање на исплатата на платите за вработените во охридските училишта и очекуваат проблемот да биде надминат до понеделник.

Горан Момировски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ