
Доцна им пристигнало засилување на скопските полицајци на 27 април
Околу 150 полицајци од СВР Скопје и посебните единици го обезбедувале протестот на „За заедничка Македонија“, на денот на „Крвавиот четврток“. 30- мина стоеле на кордонот кој требаше да ја обезбедува зградата. Зоран Станчевски од СВР Скопје кој од терен давал наредби постојано се јавувал и по телефон и на радио врска, кај заменик началникот Кирил Бошковски за да се испратат дополнителни сили. Бошковски го известувал началникот Ивица Вучевски, кој пак ѕвонел кај шефот на оперативниот штаб Митко Чавков.
Во последните разговори кои го имал со Чавков, му рекол дека работат на тоа. Запрашан од обвинителката дали засилувањето можело да дојде побргу, тој одговори дека, теоретски да, иако според методологијата пропишано време не постои, но не знае зошто тоа не се случило. Сепак потенцираше дека хипотетичка ситуација за можен влез во Собранието постоела.
„Тоа беше претпоставена ситуација од најголем безбедносен ризик односно масовно влегување на народ во зградата на Собранието. Имавме предвиден план за делување и евакуација“, кажа Ивица Вучевски – сведок
Неговиот заменик началник пак, во тоа време Кирил Бошковски, сведочеше дека сепак припадници на внатрешното обезбедување на Собранието претходно постојано убедувале дека нема жива сила која може насилно да ги отвори вратите ако се соодветно обезбедени.
Токму за тоа и барал да бидат внатрешно обезбедени кога започнале инцидентите. Но, не се разгледувала можноста дека насилно ќе се влезе, тврдеше Бошковски.
Инаку според сведочењата на тогашните први луѓе на секторот, кога започнале протестите на крајот на февруари, се обезбедувале со двојно повеќе полиција, но била укината забраната за користење на заостанат одмор.
Дополнително, на 27 единици биле повикани за обезбедување на два спортски натпревари. Кога се насетило дека во Собранието зоврива, постојано и преку радио врска и по телефон се барало дополнително обезбедување, но одговорите од главниот штаб биле да создадат тампон зона додека не дојде помош.
Инаку со обвинението се опфатени 33 лица за терористичко загрозување на уставниот поредок.
Билјана Николовска