Почна повратот на ДДВ – на шалтерите на УЈП граѓаните се распрашуваат за мерката

На дуќанџиите веќе нема да им биде лесно да не даваат фискални, граѓаните во поход да вратат дел од ДДВ.

Од денеска е активна апликацијата Мој ДДВ преку која ќе се скенираат баркодовите на фискалните сметки, кои не треба да се постари од 10 дена. Граѓаните од секој смартфон можат да ја симнат преку веб страницата на УЈП. За постарите и ранливите што нема да се снајдат, на 36 места низ цела држава УЈП има киоск апарати, баркод читачи и паметни телефони, преку кои ќе се врши скенирањето.

„Пензионерите, како посебна целна група ќе бидат овде регистрирани, со тоа што ќе ги регистрираме, тука доаѓаат огромен број пензионери, еве и денес рано наутро, доасѓаат сами да се регистрираат, ги запознаваме со условите, да му олесниме на секое физичко лице“, вели Сања Лукаревска, директорка на УЈП.

Шалтерите на УЈП преполни, некои не знаеја што да прават, службениците им помагаа.

„Добиваме помош, ни треба, да видиме како ќе функционира“, вели еден граѓанин.

„Дојден сум да видам како ќе тече и ќе научиме. Ова е добар проект. Ќе видиме колку ќе добиеме“, вели друг граѓанин.

Некои не се сигурни дали ќе ја користат мерката, премногу им е сложена.

„Нешто кажаа на телевизија, само не знам како“.

„Ќе видам дали ќе ја користам, изгледа многу сложено“. „Не, ништо не ми е јасно“.

Засега апликацијата не е достапна за корисниците на Ајфон, бидејќи се посложени процедурите, ова ќе се надмине за неколку дена.

Годишно секој ќе може да врати по 7.200 денари, или четиричлено семејство до 28 илјади и 800.

Услови за поврат се најмалку 15 години, документи за идентификација, своја трансакциска и да се регистрирани на системот на УЈП, е-пдд.

Фискалните над 30 илјади денари, како и невалидните, кои немаат бар код, апликацијата нема да ги прифати. Граѓаните со ова ќе ни станат партнери против сивата економија, велат од УЈП.

„Веруваме дека граѓаните ќе инсистираат да им се издаваат фискални сметки, а дополнително ќе избегнуваат да купуваат на места каде фискални сметки не се издаваат. И граѓаните и државата ќе имаат корист, најмногу ќе изгубат оние кои не издаваат фискални“. „Невалидните фискални сметки немаат баркод и врз основа на тоа не може да се направи скенирањето. А доколку сакаат да пријават одреден даночен обврзник кој не издава фискални сметки, туку комјутерски, можат да го пријават на телефонот 198, преку анонимна пријава и тука кај секој вработен, ние ќе го процесуираме“, вели Лукаревска.

Првите ефекти од мерката УЈП ќе ги има на крајот на декември, кога ќе се изврши првата исплата на повратот, а веќе од идната година, тоа ќе се прави на секои три месеци.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ