
Домашниот затвор никако да заживее, 400 алки ги чекаат своите корисници
Мерката притвор, која се актуелизираше со случаите на СЈО и бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, не е опфатена со Законот за пробација. Законот предвидува мерка за електронски алки за следење само за извршување домашен затвор, кој го спроведува Управата за извршување санкции, но е и за мерката притвор, која е во надлежност на МВР. Од Управата за извршување санкции информираат дека во моментот не се работи на измени на Законот за пробација. Телма пак дознава дека се размислувало за измени на Законот, за притворот да потпадне под Управата во рамките на електронскиот надзор, но аргументот против бил дека опремата и техничките и човечките капацитетите кои таа ги поседува, не се доволни за тоа, но и дека мерката домашен притвор со примена на електронски алки за 24 часовно следење треба да биде во надлежност на МВР, преку електонски систем кој ќе го управува самата полиција.
Во меѓувреме самиот Закон за пробацијата т.е. за заменската казна за издржување на мерката затвор се наоѓа на ничија земја меѓу судовите и Управата за извршување на санкции. Судовите на ја изрекуваат, а Управата за извршување на санкции не може докрај да го спроведува поради не целосно функционален систем. Судот од ноември 2016 има можност да определи мерка на електронски надзор на затвореник, но прва ваква пресуда е изречена минатиот петок која се уште не е правосилна и не може да се спроведе. Од Управата за Телма пак велат дека опремата за електронските алки е функционална, но за да може да се користи неопходно е да се спроведе јавна набавка за нејзино одржување.
Преземени се низа активности за изнаоѓање на соодветно решение за спроведување на постапка за одржување на опремата во согласност со одредбите од законот за јавните набавки, наведуваат од Управата
Од Управата одговорија и зошто до сега не бил распишан тендер за одржување на опремата иако алките се набавени во 2015, а Законот е стапен на сила во 2016.
Имајќи во предвид дека одржувањето на опремата повлекува значителни фискални импликации, а досега од страна на судовите не е изречена ниту една мерка со електронски надзор, несоодветно е да се плаќа одржување на опрема која не се користи и од тие причини досега не беше распишан тендерот за одржување на опремата“, се наведува одговор од Управата за Телма.
Во текот на 2017 година Управата по налог на судовите постапила по 5 случаи за надзор над условно отпуштени осудени лица, во 2018 по два, но во ниту еден од нив судот не изрекол мерка за електронски надзор.
Од Кривичниот суд за примена на Законот за пробација од страна на судиите, за Телма велат дека судиите посетуваат редовни обуки поврзани со спроведување на Законот. Притоа напоменуваат дека спроведувањето зависи и од други технички услови кои не се во надлежност на Судот.
Судот е во постојана комуникација со Министерството за правда како и со Управата за извршување санкции во однос на спроведување на пробацијата и со исполнување на сите услови сметаме дека бројот на пресуди кои ќе бидат донесени врз основа на Законот за пробација постојано ќе расте, наведуваат од Кривичен.
Неодамна од Европската комисија стигна предупредувањето дека Македонија ќе треба да ги врати парите од европските фондови со кои ги набави 400 електронски алки поради нивно некористење. Комисијата за непримена на Законот за пробација предупредувала и претходно. Во 2017 на Владата и укажала дека реформите во тој дел три години не се мрднати од мртва точка иако Унијата во два наврати на земјава и дала милионски суми за нивно спроведување.
Тамара Грнчароска