Домаќинствата што сакаат да купуваат струја на слободниот пазар да склучат договори до ноември

Од вкупно 600 илјади домаќинства во земјава, оние што ќе сакаат од стартот на идната година да купуваат струја на слободниот пазар на електрична енергија, договорите со снабдувачите ќе мораат да ги склучат најдоцна до крајот на ноември. Доколку преферираат, пак, да останат каде што се и сега, на регулираниот пазар, нема да имаат потреба од склучување договори, нив по автоматизам ќе ги преземе Универзалниот снабдувач. Во моментов 8 фирми кои имаат лиценца се активни снабдувачи, најмногу во регионот, и тие ќе се борат да ја добијат довербата на потрошувачите, а регулаторите ќе им остават слобода за нив да обезбедат повеќе бенефиции во делот на плаќањето.

„Верувам дека снабдувачите ќе бидат  доволно инвентивни да дадат соодветни понуди со цел да ги привлечат  домаќинствата да отидат на слободниот пазар, имајќи во предвид  дека цената на регулираниот пазар во овој момент е пониска отколку што би била цената на слободниот пазар на електрична енергија за домаќинствата. Со подзаконската регулатива што ја носиме се обидуваме да испратиме сигнал до снабдувачите со електрична  енергија да подготвуваат соодветни понуди за домаќинствата за да ги натераат да излезат на слободниот пазар. Би бил среќен на слободниот пазар да излезат во првата година од 500 до 1.000 домаќинства, се разбира ако снабдувачите им понудат соодветни услови“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Малите потрошувачи имаат право од регулираниот пазар да отидат на слободниот и да се вратат доколку така одлучат, рокот е 21 ден, дали ќе има казнени пенали, ќе зависи од договорите, но тоа не е пракса. На стартот се очекува поголема раздвиженост на потрошувачите, а потоа стабилизација.

Кога од 1 јануари ќе имаме 100 процентна либерализација, РКЕ најавува поголеми права на потрошувалите, во договорите не смее да има нечесни одредби.

„Во правилата за снабдување со електрична енергија на јасен и недвосмислен начин ќе им дадеме обврска на снабдувачите кога ќе потпишуваат договри со потрошувачите, и на слободниот и на регулираниот пазар, да немаат делови од договорите кои ќе бидат напишани со ситни букви и кои нема да бидат јасни за потрошувачите со цел тие да знаат кои се нивните права и обврски. Имаме одредби со кои се забранува да им се исклучи електричната енергија во зимскиот период на ранливите категории на потрошувачи“, вели Бислимовски.

На потрошувачите во оддалечените реони мора да им се обезбеди ист квалитет на струјата. За сите да се нудат повеќе начини за плаќање на сметките, и електронски, и да има повеќе наплатни пунктови. За исклучените поради неплатена една сметка, повторното вклучување кое сега е илјада денари, ќе се намали на 800.

За новите приклучоци, оние што градат нови куќи и треба да влезат во енергетскиот систем, има шанси сегашната сума од 500 евра, за неколку месеци да се намали за најмалку 10 проценти.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ