
Доктори на обвинителна клупа за смртта на малата Тамара
Поради неисполнети услови за одржување на рочиште, судењето за несовесно работење во случајот со малата Тамара Димовска од Велес, која почина чекајќи одобрение за лекување во странство, е одложено за 4 јули.
Поранешната директорка на Детската клиника Аспазија Софијанова, според нејзините адвокати, од службени причини, не била во можност да дојде во Кривичниот суд во Скопје. Софијанова и 11 други се обвинети за случајот познат во јавноста како Тамара.
На судскиот процес денеска не дојдоа ниту обвинетиот Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов и Маја Парнарџиева-Змејкова. Тие се обвинети за несовесно работење во службата. Обвинителството постапуваше по допрен глас, а подоцна ја припои кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права и од мајката на починатата Тамара од Велес. Мајката на Тамара исто така не присуствуваше, но ја претставуваше нејзиниот адвокат.