
Докази зад затворени врати во „Рекет“ за да се зачува углед на споменати во тајно снимани разговори.
Последните докази обвинителката Вилма Русковска реши да не и ги открие на јавноста. Побара снимките кои тајно ги снимал осудениот Зоран Милевски Кичеец да се пуштаат, ама зад затворена врата, оти ќе се нарушел угледот на личностите споменати во разговорите. Претходно таа истите снимки ги повлече, но по реакциите на одбраната дека не смее понудени докази без нивна согласност да бидат изземени од листата се премисли па ги остави како нејзини. Што се зборува во нив не смеат да откријат ни адвокатите на Катица Јанева и Бојан Јовановски, но најавија дека во нивните завршни зборови ќе ги искористат во своја одбрана.
Вчера беа презентирани докази обезбедени со ПИМ мерки. Она што го снимала полицијата по наредба на обвинителството откри дека Бојан јовановски одел кај Јанева на гости, дека Јанева отишла кон претседателската вила на Водно, додека дел од нив беше протолкувано дека откриваат средба меѓу Милевски Кичевец и Вице Заев. Министерот за внатрешни во техничката влада Наќе Чулев вели дека сите ПИМ мерки се кај обвинителката.
Инаку исечок од разговор поврзан со случајот Рекет, деновиве од собраниска седница пушти и пратеникот Антонио Милошовски. Денеска преку фејзбук статус најави дека утре ќе оди кај обвинителката Русковска за да ги предаде. Според него од содржина произлегува сомнеж за тоа дека екс премиерот Зоран Заев бил во тек со нелегалното финансирање на “Меѓународниот сојуз” преку рекетирање на стопанственици, како и дека тој како премиер го помагал финансирањето на телевизијата 1ТВ. Судењето за Рекет продолжува во четврток кога ќе се сослушуваат и првите сведоци на одбраната.
Билјана Николовска