
Договорот со Бугарија се сопна на Гоце Делчев
За цар Самоил, свети Климент и свети Наум најдоа компромис, но се сопнаа на Гоце Делчев. Одговорот на прашањето: „Дали е Македонец или Бугарин?” стана закана за Договорот за добрососедство, за мешовитата комисија, но и за влезот на Македонија во ЕУ и НАТО? Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, порача дека, доколку не се признае дека Делчев е Бугарин, тие ќе ја напуштат комисијата, а вицепремиерот Каракачанов отиде уште подалеку, заканувајќи се и со вето за евроинтеграцијата на Македонија. Бугарскиот дел од мешовитата комисија, пак, одби заедничко чествување на датумот 7 октомври, кога Бугарија и ги предала на Македонија останките на револуционерот. Претседателот на македонскиот дел од комисијата, не сакаше да ги коментира изјавите на политичарите. Вели дека, во комисијата се работи на усогласување на биографските податоци за Делчев и никој не зборува за прекин на разговорите.
Следната средба на мешовитата комисија е закажана за првата половина на септември во Софија. Од владата очекуваат до тогаш да се најде решение.
За историчарката Катерина Тодоровска, најголемиот проблем е бугарската теза дека, Македонците се Македонци од 1945-та година наваму, а до тогаш биле Бугари, како дел од Санстефанска Бугарија, што никогаш не било реалност. Вели дека, ако комисијата дозволи Гоце Делчев насила да стане Бугарин, ние ја прифаќаме таа теза дека тој е предок на тие кои денеска живеат во Македонија, според нив, Бугарите. Секој ваков договор, вели, ќе биде чист фалсификат на историјата.
Тодороска потенцира дека, кога се зборува за нешто, се зборува врз основа на факти, а фактите ги има во документите. Документите, пак, треба да се сместат во времето во кое се создадени. Ако се стават во денешен контекст и околности, се добива фалсификат што е недостоен за европските држави.
Далиборка Демјанска Цветановска