Договорот од Преспа пред реформите?

Законите од втората фаза на реформи во правосудството никако да стигнат во собраниска процедура, иако октомври се спомнуваше како краен термин во кој тие требаше да бидат донесени. Законите за судови, за Судски совет, за Јавно обвинителство и за медиумите беа потиснати од референдумот и пост-референдумските случувања. Стагнираат и реформите во администрацијата, медиумите и антикорупциското тело. Експертите сугерираат владата посериозно да се зафати со оваа тешка домашна задача, затоа што од реформите во некои чуствителни сегменти зависи и европската иднина на државата. Она што Владата го стави на хартија, како обврска за исполнување – сега мора да покаже дека е подготвена да го оствари.

Кацарска потенцира дека нема посериозни зафати ниту во реформите на администрацијата, а медиумските реформи се закочени со законот во Собранието, како резултат на поделениот став од една страна дека треба да се носат големи системски реформи и од  друга страна дека прашањето треба да се остави без интервенции на владата. Очигледно, вели,  овие две крајности влијаат врз тоа, во пракса да нема никаков резултат. Важно е, вели, до следниот извештај во април следната година, да имаме резултат, за да можеме убедливо да настапиме пред Советот во јуни, кога се очекува и одлуката за нашето членство во ЕУ. Не може да се очекува дека се` ќе ни биде простено во име на повисоката цел-Договорот со Грција.

За измените во судските закони се произнесе и Венецијанската комисија, која начелно ги оценува како позитивни, но укажува и дека е потребно подобрување на текстовите. Но, од Министерството за правда рокот за нивно донесување сега го поместуваат до крајот на годинава. Тврдат и дека, законите за спречување на корупцијата и за судир на интереси ќе бидат испратени до владата во најбрз можен рок. За законот за јавно обвинителство,  кој предвидува продолжување на мандатот на СЈО – преку негово вклучување во редовното Јавно обвинителство и проширување на надлежностите, сè уште се водат разговори меѓу парламентарните партии на ниво на работни групи.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ