Договорот од Преспа – најжешка тема на првата ТВ дебата на претседателските кандидати

Првата телевизиска дебата на претседателски кандидати, очекувано, беше обележана со  остра расправа најмногу за Преспанскиот Договор. За професорката Силјановска Давкова која е поддржана од ВМРО ДПМНЕ, Договорот е веќе дел од Уставот и најави дека ќе го почитува, односно ќе го употребува новото име на државата кога ќе мора, но дека лично ќе го одбегнува името Северна Македонија. И најави дека е возможно Договорот да се промени. За кандидатот на СДСМ, професорот Стево Пендаровски е нејасно на кој начин Силјановска, доколку би дошла на функцијата, ќе се обиде да го промени Договорот, кога треба да се известат сите пет членки на СБ на ОН и да им се каже дека спорот повторно се отвора. По неколку минутно натегање и лекции по демократија, Силјановска рече дека процесот може да се отвори преку меѓународниот суд за правдата во Хаг.

Пендаровски е согласен дека сето тоа во теоретски е возможно, но прашува што ќе се случи во политичка смисла?

Во НАТО имаат други принципи и не ги интересираат правните аспекти на Договорот, вели Пендаровски, кој додаде дека меѓународната политика е сурова, но едноставно е таква. Зоруваме за два различни света – светот на правото и светот на политиката, рече Пендаровски.

Професорот Блерим Река, кандидат зад кој стојат Алијанса за Албанците и движењето Беса, се обидуваше да ја смири ситуацијата. Рече дека никој всушност со декрет не може да го смени националниот идентитет.

СЈО беше следната горлива тема. Брисел апелира да биде решен статусот на СЈО, но тоа е нешто што опозицијата апсолутно го одбива, вели Пендаровски.

Силјановска тврди дека Брисел е свесен дека судството во нашата земја е далеку од независно, и смета дека со решавањето на статусот на СЈО нема да се реши ништо.

Блерим Река смета дека СЈО е предмет на партиски пазарења.

Оваа тема доведе и до бегството на Груевски. Пендаровски ја повика Силјановска да даде јавна изјава дека Груевски треба да се соочи со казната, а не да се залага за некаква правна држава. На што Силјановска рече дека туѓите гревови не се нејзини.

На крајот, сите беа согласни дека во државата има длабоки поделби кои, кога би стапиле на функцијата, ќе се заложат да ги намалат.

 

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ