Договорена рамка за компромис за името

Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, договориле рамка за компримис за решавање на спорот за името. На последната рунда преговори, вчера вечер во Брисел, министрите договориле рамка на која сега, во Атина, работат тимови од двете министерства за надворешни работи.

„Имавме продуктивна средба, имаме рамка што треба да се доработи и на неа во моментов работат правни тимови од двете министерства во Атина. Се планира и важен разговор на  премиерско ниво, Заев со Ципрас кон средината на оваа недела, каде се надеваме дека ќе се пресечат некои важни работи од опциите што се во игра“, изјави Димитров.

Министрите за надворешни работи завршија со нивниот дел, преговорите продолжуваат на експертско ниво, а кога ќе завршат и тие, текстовите подготвени од министрите ќе бидат во рацете на премиерите за конечен договор, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.

„ Денеска и веројатно утре, ќе продолжат преговорите на експертско ниво – она што треба да се реши се техничко – правните прашања. Веднаш штом завршат и тие и штом ќе бидат разјаснети техничките и правните прашања, текстовите подготвени на ниво на министри за надворешни работи ќе им бидат дадени на двајцата премиери, кои ќе разговараат и ќе постигнат конечен договор“, вели шефот на грчката дипломатија.

Коѕијас од Брисел заминува за Берлин, каде ќе се сретне со претседателот Франк Валтер Штајнмаер и министерот за надворешни работи на Германија Хеико Мас.

Токму прегворите за името, беа во фокусот на министерскиот совет денеска во Брисел.  Димитров на неформалниот појадок со министрите за надворешни работи на земјите членки на унијата, ги информирал за текот на преговорите, за напорите што се прават на билатерално ниво за изнаоѓање решение во прашањето за името, како и за тоа колку би било важно решавањето на ова прашање за целиот регион на Балканот.

По состанокот високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини, се надева на позитивен исход на процесот.

„Дозволете ми да кажам дека сите сме многу охрабрени од напредокот пособено во преговорите меѓу Скопје и Атина за прашањето за името. Ќе работиме сите да го подржиме и да се придружиме со надеж за позитивен исход од овие важни преговори“, порача Могерини.

Дека ЕУ е охрабена од развојот на преговорите меѓу Скопје и Атина, порача и еврокомесарот Јоханес Хан.

„Плодна дискусија меѓу пријатели на појадок. благодарност до никос коѕијас и никола димитров за нивната конструктивна напорна работа!“, „сите од се срце ги поддржуваме преговорите. Во собата постои консензус дека решението за проблемот со името ќе значи пресвртница за наредните чекори во процесот на приклучување на македонија кон ЕУ“, напиша еврокомесарот.

За сега, ниту македонската ниту грчката страна не откриваат кое е новото договорено име. Грчкиот весник Катимерини објави дека на маса е поставено ново име кое досега не е познато за јавноста, а е поврзано со Крушево и илиденскиот период. Весникот тврди дека дипломатиите на двете земји се договараат за име за севкупна употреба и од свои извори изразува сомнеж дека предлозите на медијаторот Нимиц како Северна, Нова или Горна Македонија не се прифатливи за ерга омнес.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ