
Догодина ќе се знае името на техничкиот министер за внатрешни работи
Граѓаните годинава нема да дознаат кој ќе биде технички министер за внатрешни работи. Партиските препукувања се очекува да траат и следните два дена, особено по денешните изјави во кои нема отстапување од ставовите.
За министерот Оливер Спасовски, кој од трети јануари треба да биде технички премиер, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, полковникот Драган Ковачки да да ја заземе министерската позиција во МВР, е надвор од Уставот.
За другите предлози од опозицијата, Спасовски начелно нема забелешки.
Вели дека се` уште има време да се постигне договор и дека имаат намера, изборите да се одржат на 12 април, како што е договорено.
Во телефонски разговор, и Заев побарал од Мицкоски, до втори јануари да предложи ново име за технички минстер за внатрешни работи.
Но, од ВМРО ДПМНЕ соопштија дека засега остануваат на својот став дека Ковачки е најдоброто решение. Им порачуваат на СДСМ, подобро да го протолкуваат Уставот.
Вчера од ВМРО-ДПМНЕ ја предложија Рашела Мизрахи, доктор на науки по биохемија за министер за труд и социјална политика. За заменик-министер во Информатичко општество и администрација – актуелната пратеничка Невенка Стаменковска, во финансии – Гордана Кочоска, магистер по економски науки,а во ресорот земјоделство – Цветан Трипуновски, поранешен пратеник.
Од СДСМ минатата недела соопштија дека, покрај Оливер Спасовски, кој ќе биде технички премиер, Мила Царовска ќе биде вицепремиер за економски прашања. Заменик-министер во МВР ќе биде Славјанка Петровска, досегашен шеф на кабинетот на Спасовски, а заменик-министер во Министерството за труд ќе биде Санела Шкријељ, исто така актуелен шеф на кабинетот на министерката Царовска.
Техничката влада треба да се формира најдоцна до 3 јануари, односно в петок, кога премиерот Заев треба да си поднесе оставка.
Далиборка Демјанска Цветановска