Додека јавноста ги чекаше, лидерите тајно се сретнаа за СЈО

Додека јавноста очекуваше повторна средба за СЈО, партиските лидери синоќа се сретнале во тајност. Премиерот бил во друштво на министерката за правда, а Мицкоски бил придружуван од адвокатот Менкиноски. Од министерството ја потврдија средбата, но не открија повеќе детали.

За пишувањата во некои медиуми, кои цитираат партиски извори дека на редбата било договорено, СЈО повеќе да не функционира во истата форма како и  досега, но и опозицијата да предложи нов Јавен обвинител, министерката Дескоска се огласи на Фејсбук, велејќи дека тоа е паралелна реалност, или не биле на ист состанок или некој “сонува со отворени очи”.

Другата страна не беше расположена даде поконкретни податоци за средбата. Адвокатот  Тони Менкиноски кусо рече дека средбата била плодна, оствариле чекор напред, но деталите ќе се утврдуваат на средбите на работните групи. Партискиот портпарол, пак, рече дека, синоќа е договорено, отсега разговорите да се водат подалеку од очите на јавноста, за да не се води медиумска битка меѓу преговарачките групи.

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од барањето, да запрат сите истраги и предистраги покренати од СЈО  по 30 јуни 2017 година, односно да се завршат само предметите што  се во судска постапка. Вчера и премиерот изјави дека ова барање е веќе прифатено, односно „бомбите“ или т.н. материјали за неовластено прислушување нема да бидат докази во постапки во идното работење на Јавното обвинителство, но дека материјалните докази си остануваат. Изјави дека е изработена нова верзија за законот, во која во одредени сегменти се прифаќаат голем дел од сугестиите на ВМРО-ДПМНЕ.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ