
Добро е што се одложува прогресивниот данок, бизнисот бара прецизен нов рок
Откако повеќе од половина година вниманието беше насочено кон политички прашања важни за земјава, експертите се децидни дека навистина нема време за широка општествена дебата која на јавноста и беше ветена за прогресивнииот данок, најавен како правично оданочување. Во тој контекст и го гледаат одложувањето на реформата, но според нив, покомотна позиција на Владата и дава и добрата наплата на даноците оваа година, особено данокот на добивка. Тој е натфрлен за околу 25 до 30 милиони евра, а уште подобри резултати од него се очекуваат за идната година, откако многу фирми во ТИРЗ-овите веќе нема да бидат ослободени од неговото плаќање.
„Така да, 2018 ќе помине во некаква мирна финансиска атмосфера од аспект на буџетски приходи и расходи, а веќе амбицоирањата за 2019 треба да се гледаат од аапект на буџетот, што е испланирано, колку треба за тоа испланирано трошење да се остварат приходи, па тогаш да се процени во кој момент ќе стартува прогресивниот данок, сметам дека веројатно вистински момент е 2020, а може и понатаму“, вели Павле Гацов, даночен советник.
На информатичарите им олесни, барем засега. Од комората за информатички технологии, МАСИТ, го поздравуваат овој потег, но велат, останало нејасно кој е новиот датум, ако тоа веќе не е стартот на 2019. Остануваат на ставот дека таква даночна реформа треба да се планира подолгорочно, а во овој момент не е добредојдена, одобено ако прагот се задржи на 1000 евра.
„Доколку веќе разговараме за праг, прагот е дефинитивно низок, и сметаме дека во дополнителна анализа треба да се направи рамка, во склоп на која тој праг ќе се нивелира доста нагоре, во смисла дека 60 илјади денари е навистина ниска рамка, и не е богат човек тој што зема 60 илјади денари, во време кога се стремиме за влез во ЕУ и НАТО“, вели Анита Никова Бундевски, извршен директор на МАСИТ.
Стоиме на располагање, вели таа, да помогнеме во креирање на новите решенија, нашите анализи укажуваат дека сумите кои ќе се соберат нема да имаат значаен придонес во буџетот, многу поголем ефект би имала битка со сивата економија.
„ИКТ заедницата ги има реално едни од највисоките плати во државава, и оваа промена кон прогресивен данок навистина силно ќе се одрази врз ИКТ заедницата, која сакаме да ја задржиме во земјава, сакаме да го задржиме прогресот кој е евидентен во последниве неколку години, кога имаме над 2000 компании во ИКТ индустријата, со над 12 илјади вработени, и ова сериозно би се одразило врз поголем процент од тие вработени“, вели Никова Бундевски.
Бизнисот укажува дека данокот не може да се менува на средината на годината.
„Мора да се има предвид дека и ние во реалниот сектор, компаниите, правиме некаква фор,ма на буџетирање, бизнис планови, и ги правиме на годишно ниво, па и за нас би бил нефер пристапот ако нешто се случува на средината на годината, без да имаме информација како ќе стартуваме од почетокот. Затоа и европска пракса е вакви закони да се носат вообичаено од 1,5 до 2 години пред нивната реална примена, за да се подготви бизнисот“, вели Павле Гацов.
Премиерот Зоран Заев вчера објави дека референдумот ја одложил дискусијата за прогресивниот данок, но тие како левичарска Влада не сакаат да се откажат од праведно оданочување.
Нина Нинеска-Фиданоска