До лето ќе се намалат цените на роамингот со Грција

Македонија и Грција ќе ги намалуваат цените на роамингот меѓу двете земји. Максималните цени на роаминг услугите треба да се намалат до нивото на оние цени што се применуваа во ЕУ, пред воведување на  принципот „роаминг како дома“. Ова денеска го соопштија ресорните министрите на двете држави Дамјан Манчевски и Никос Папас по потпишувањето Меморандум за разбирање.

„Следниот чекор е целосно укинување на роамингот. Ние веќе одредивме и одредена динамика со која што сакаме пред почетокот на туристичката сезона да имаме намалување на цените на податочниот сообраќај“, рече Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација на Северна Македонија

Манчевски притоа рече дека ќе се направи обид целосното укинување да се изедначи со предвиденото укинување на роамингот со други земји од регионот до 2021 година.

Гостинот од Грција подвлече дека двете земји ќе направата се цените на роамингот да се намалат пред туристичката сезона. Тој подвлече дека Договорот од Преспа го овозможил спроведувањето на оваа мерка. Папас сепак не даде конкретен одговор зошто на граѓаните на земјава кога влегуваат во Грција се уште печат за влез им се става на лист, а не во пасошите иако во нив е втиснат печатот – Република Северна Македонија.

„Преспанскиот договор е доста детален и спроведувањето ќе се случува во предвидените временски рокови. Мислам дека вакви забелешки ќе се решат според духот и Договор од Преспа, кој активно се користи“, рече Никос Папас, министер за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Грција.

Од владата во меѓувреме информираа дека се уште не е најдено решение за документите со кои граѓаните на земјава аплицираат по разни основи во Канцеларијата за врски на Грција, а кои поради старото име на државата изминативе денови не им биле примани. Пред стапувањето на сила на Договорот од Преспа во претставништвото на Грција на овие документи бил втиснуван печат со името ПЈРМ, но по промената на името таа пракса е запрена, но од граѓаните сега се бараат документи со втиснато ново име на државата. Како што соопштија вчера од Владата, МВР и МНР контактирале со грчки власти за наоѓање на решение за ова.

Манчевски и Папас денеска голем дел од прес-конференција посветија на соработката меѓу двете земји, особено можноста која се отвора по стапувањето на сила на Договорот од Преспа.

„После потпишувањето на Договорот од Преспа, ниту пропадна светот, ниту се распадна едната ниту се распадна другата земја. Напротив ова е прв од многуте договори коишто ќе следат каде што граѓаните и бизнисите ќе имаат конкретна корист“, рече Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација на Северна Македонија

Грчкиот министер рече дека  неговата земја во целост ќе го спроведе Договорот.

„Потребно ќе биде многу работа, 27 години не се малку. Соработката на двете земји има многу отворени можности затоа што задоцнивме на полиња на кои што можевме да соработуваме. Овие денови размислувам од колку работи ќе бевме спасени доколку овој проблем беше решен пред 15 години, и колку подобра ќе беше позицијата на Северна Макеоднија и на Грција во поширокиот регион. Ќе треба да забрзаме, да се потрудиме“, изјави Никос Папас, министер за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Грција.

За подобрување на климата меѓу двете земји тој побара и поддршка од новинарите, особено во борба против лажните вести.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ