До 5 март ќе се пресече дали и колку ќе плаќаат паушал исклучените од парно

Најдоцна до 5 следниот месец ќе се пресече дали исклучените од парно воопшто ќе продолжат да плаќаат паушал, и доколку плаќаат, колку тој ќе изнесува. Тоа е законскиот рок во кој Регулаторната комисија за енергетика ќе ги подготви новите правила за снабдување со топлинска енергија. До крајот на оваа недела регулаторите треба да ја добијат Студијата од МАНУ, која во изминатиов период ги правеше анализите за тоа какво е влијанието на исклучените врз системот за парно греење.

По добивањето на документот од МАНУ, РКЕ, заедно со претсавниците на исклучените од Но пасаран и од БЕГ, на заедничка маса ќе бараат финално решение, студијата ќе биде појдовна основа.

Со сите заинтересирани се договоривме дека треба да изнајдеме правично решение со кое ќе им помогнеме на потрошувачите кои биле исклучени пред јули 2012 година во услови кога со постоечките правила за снабдување со топлинска енергија кои важеле од 2007 до 2009 година тие не знаеле дека ќе треба да плаќаат еден ден доколку се исклучат од системот за греење во Скопје. При носењето на новите правила овој факт ќе го имаме во предвид, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Околу 12 илјади семејства долги години се во битка за своите права, плаќаат паушал меѓу 500 и илјада денари, зависно од површината, иако не користат парно греење.

Според РКЕ, каква и одлука да се донесе, таа нема да биде на штета на граѓаните кои останаа корисници, трошоците за исклучените во никој случај нема да се прелеат и да ги зголемат нивните сметки за парно.

За десетина дена, пак, ќе биде познато кој ќе ја добие битката да биде универзален снабдувач со струја, таа компанија ќе ги снабдува домаќинствата кои не сакаат да излезат на слободниот пазар, и ќе останат на регулираниот како досега. Од двете компании, ЕВН Снабдување и ЕЛЕМ трејд кои се во игра, преку јавна аукција ќе се избере онаа која ќе понуди најниска маржа.

Избраната фирма ќе мора во следните два до три месеци да формира посебна компанија, на која РКЕ ќе и издаде лиценца за снабдување, со обврски што како универзален снабдувач ќе мора да ги исполнува.

Тоа го правиме со цел да нема прелевања на финансиски средства од нерегулиран на регулиран пазар и малите потрошувачи кои останале на регулираниот пазар да не ги покриваат загубите кои евентуално снабдувачите би ги направиле на слободниот пазар на електрична енергија, вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Се дотогаш ЕВН Македонија ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата по цени што ги одредуваат регулаторите. Од РКЕ очекуваат дека и по изборот на универзален снабдувач, цената на струјата нема да се зголеми, и граѓаните нема да доживеат никакви ценовни шокови, иако поскапела на регионалниот пазар. Регулаторна на крајот на јуни ја одредува цената, и таа ќе важи за компанијата што ќе биде универзален снабдувач. Граѓаните што не сакаат да излезат на слободен пазар нема да имаат никаква обврска за склучување нови договори, освен ако не одлучат да го сменат снабдувачот.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ