ДКСК во наредните денови со одлука за указите на претседателот

Државната комисија за спречување корупција во наредните денови ќе ја соопшти одлукат за случај со указите на претседатело за именувањата и унапредувањта во АРМ по распишувањето на изборите. Од Антикорупциска за Телма информираат дека поради обврската в среда да одражат вонредна седница по приговори од ВМРО-ДПМНЕ по други предмети, седницата на која ќе биде соопштена одлуката дали указите на претседателот го прекршуваат Изборниот законик ќе се случи в петок или најдоцна на почетокот од идната недела.

Во меѓувреме местото на воен претставник на земјава во НАТО останува празно, бидејќи поставувањето на генерал Мирче Ѓоргоски од страна на претседателот на таа позиција со спорните укази, ја чека разрешницата до Антикорупциска. За случајот да биде покомплициран, Ѓоргоски, по указот, од началникот на генералштабот е распределен од местото командант на 1.Механизирана пешадиска бригада за воен претставник во НАТО, но не доби одобрение од министерката Радмила Шекеринска, поради отворањето на случајот од Комисијата. Во моментов тој е во АРМ без конкрето работно место.

Шекеринска денеска информираше дека министерството за одбрана ги доставило сите информации и документи до Антикорупциска.

„Ако ДКСК излезе со став дека ова не е согалaсно Законот она што мора да се случи е да се повлечат тие одлуки или да се прогласат за ништовни“, изјави Радмила Шекеринска, министер за одбрана.

Таа го повтори ставот дека министерството од моментот кога биле распишани изборите не носело одлуки за пополнување на местата воен претставник во НАТО и одбранбено аташе во Париз.

„Доколку претседателот на државата сакаше да испрати, особено, одбранбено аташе во Париз, каде што постапката заврши минатата годинa, тоа требаше да го стори пред 8 февруари“, изјави Радмила Шекеринска, министер за одбрана

Указите освен што беа во предизборен период, спорни се и по тоа што беа објавени во Службен весник и по нив беше постапени од началникот на Генераштабот, Васко Ѓурчиновски, иако беа објавени со старото уставно име. Од Владата тогаш рекоа дека ја анализираат грешката на Службен весник, но до денес се уште никој не понесе одговорност за тоа.

Од Генераштабот постапувањето по указите го правдаа со цитирање на Законот за служба во Армијата дека биле должни да ги почитуваат и извршуваат одлуките на претседателот како Врховен командант.

Иванов со указите од 25 февруари освен поставување двајца воени претставици, потпиша укази и за четири одликувања, извршена е смена на три командни генералски места во АРМ, а унапредување доби начелникот на Генераштабот Ѓурчиновски во чин генерал потполковник.

Тамара Грнчароска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ