
ДКСК: Указите на Иванов за унапредувањата и поставувањата во АРМ се незаконски
Антикорупциска со две прекршочни пријави против претседателот Ѓорге Иванов за указите од 25 февруари со кои тој го унапреди началникот на Генераштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски, во чин генерал-потполковник и изврши смена на три командни генералски места во АРМ.
Комисијата за спречување корупција констатирала дека унапредувањето и поставувањата се спротивни на Изборниот законик и Законот за спречување корупција и на судир на интереси т.е. донесени се по денот на распишување на избори, а врз основ на кои имало зголемување на плати.
„Указите се донесени по денот на одлуката за распишување на избори 8 февруари во кој период не може да се врши исплаќање на плати, пензии, социјална помош и други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати“, наведува ДКСК
На Ѓурчиновски новиот чин му донесе 7.500 денари повисока плата од дотогашната од 77.000. Поставувањата им донесоа поголеми плати и на бригадниот генерал Орце Јордев поставен за заменик-командант и полковник Драган Ковачки за командант на Првата механизирана пешадиска бригада и полковник Бесник Емини за началник на Штаб на ЗОК.
Антикорупциска констатира и дека унапредувањето на началникот на генераштабот Ѓурчиновски во повисок чин не е постапено согласно одредбите од Законот за служба во Армијата.
„Началникот на АРМ односно министерството за одбрана спроведува постапка за унапредување и дава предлог до претседателот, што во случајот, како што е наведено во одговорот од Министерството до ДКСК, не е доставен. Тоа упатува на сомневање дека Иванов ги пречекорил своите законски овластувања и донел одлука без претходно спроведување на законски утврдената процедура“, наведе ДКСК во објаснувањето на одлуката.
Од Генералштабот на АРМ за одлуката на Аниткорупциска со која унапредувањата и разместувањата во АРМ се незакоснки, во првичната реакција за Телма велат дека тие секогаш постапуваат согласно законот и законските регулативи. На прашањето дали незаконитоста на указите ќе значи враќање на унапредувањето и враќање на разместените полковниците и генералите на претходните работни места, од ГШ одговорија дека треба да се види дали одлуката на Комисијата е извршна и да се направат консултации за правниот аспект на одлуката.
Со указите освен унапредување и поставувања во АРМ имаше и упатувања во странство. Тоа создаде контрадикторна ситуација кога бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски од местото командант на 1.Механизирана пешадиска бригада е упатен за воен претставник во НАТО, а на негово место е поставен полковник Ковачки.
Откако Антикорупциска отвори постапка за указите на Иванов, Ѓоргоски не доби одобрение од министерката Шекеринска за воен претставник во НАТО, со што остана без работна позиција во АРМ бидејќи неговот претходна, генералска позиција, со указ од Иванов е пополнета со полковник.
Тамара Грнчароска