
ДКСК пред Виш управен суд ќе ја брани прекршочната пријава за Иванов
Судската разврска на прекршочната пријава на ДКСК против експретседателот Иванов, за указите со кои тој во февруари поставуваше и унапредуваше генерали во Армијата, оди до повисок суд. Откако по тужбата на Иванов Управен суд на 18 септември донесе пресуда дека ДКСК треба да ја поништи прекршочната пријава против него, антикорупционерите ќе возвратат со жалба до Вишиот управен суд.
Во жалбата ќе си ги кажеме нашите аргументи – кои се нашите обврски, што дефинира нашиот закон, дали имаме обврска да постапуваме така како што налага Управниот суд или не, најави Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.
Во одлуката Управниот суд наведува дека ДКСК не го повикал Иванов да ги изнесе своите аргументи со што му го ускратила правото на еднаквост во постапката, а и не му ја доставила својата одлуката, туку само ја објавила на веб-страницата на Комисијата. За Управен спорно и тоа што ДКСК не обезбедило докази дека се исплатени парични средства за поставувањата и унапредувањето кои ги направи Иванов во Армијата.
Претседателката на Антикорупциска пак со став дека во одлуката на Управен воопшто не е разговарана материјалната страна и оти случајот не е загубен и уште е жив.
Ова се правни тактики, би можела така да кажам, но ќе се бориме. Има институции има судови. Дали воопшто Управниот суд е надлежен да постапува по нашите одлуки во овој конкретен случај или нема, ќе видиме, вели Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.
Ивановска денеска најави дека не е исклучена опцијата Собранието да биде крајната инстанца до која ќе се обратат за овој случај, бидејќи Собранието е тоа пред кое ДКСК одговара за своето работење.
Аниторупциска на крај од април поднесе две прекршочни пријави против Иванов за укази за поставување и унапредува во АРМ објавени во изборен период, со што тој го прекршил Изборниот законик и Законот за спречување корупција и судир на интереси.
Неговиот наследник на функцијата, претседателот Стево Пендаровски, во јули ги поништи указите, но истовремено со нови потврди две од одлуките на Иванов за поставувањата на генералските позиции, три преиначи, а унапредувањето по чин законски не може да се поништи.
Указите освен што ДКСК ги прогласи за незаконски, тие беа потпишани од Иванов, објавени во Службен весник и по нив постапени од Армијата со старото име на државата кое во тој момент беше неуставно. И покрај тоа, досега ниту една надлежна институција не покрена прашање за уставноста на овие укази на Иванов.
Тамара Грнчароска