ДКСК отвора предмет за Годишната програма за култура, а средбата меѓу премиерот и министерот одложена

Новите антикорупционери ќе истражуваат дали при распределбата на сретствата во Годишната програма за култура, се работело противзаконски. Претседателката на комисијата ги задолжи службите да отворат предмет кој понатаму ќе се разгледува и истражува.

Сензитивноста на ова прашање , што се крена во јавноста, ние веднаш го поставивме како точка на дневен ред. И сметам дека треба да ја задолжиме службата во врска со ова, да постапи согласно процедурите, вели претседателката Ивановска.

А , најавуваниот состанок до крајот на работната недела меѓу премиерот Заев и министерот за култура  Адеми, на кој требаше да се донесе одлука дали ќе се поништи дел, сите резултатите од конкурсите, или тие ќе останат според последните одлуки на комисиите, се одложува за наредниот период, велат од Владата.

Сеуште не е одржана средбата. Очекуваме во наредниот период тоа да се случи и веднаш потоа ќе ја информираме јавноста за резултатот од истата, велат од владата.

По бурата реакции во јавноста дека Програмата е направена без почитување на критериумите и Националната стратегија за култура и со форсирање на партиски и етнички блиски поединци до партијата на власт, премиерот Заев изјави дека ќе се поништат сите конкурси, со исклучок на одобрените проекти за националите установи- центри за култура, а министерот Адеми побара комисиите да ги ревидираат сите резултати.  Дводневната ревизија заврши со позитивен резултат само за фестивалот Златно славејче, за кој од комисијата за музичко – сценска и фолклорна дејност рекоа дека по грешка бил одбиен и дека ќе биде подржан. А, за големите фестивали, кои не поминале на конкурсот поради некомплетна документација, последниот збор ќе го има министерот за култура, кој треба да одлучи, дали ќе им се остави време на апликантите да ги донесат недоставените документи, потенцираа од комисијата.  За резултатите од Годишната програма за култура, средба со премиерот очекуваат 10 директори на театари и центри за култура, на кои им се приклучија и од Штипскиот и од Театарот за деца и младинци.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ