
ДКСК: Да се пријавуваат случаи на кршење на забраните поврзани со изборниот процес
Антикорупционерите повикаа, сите што ќе забележат поткуп на гласачи, вработувања за време на изборниот процес или функционери кои се развозуваат по митинзи со службени возила, да пријават кај нив. Пријавата е објавена и на сајтот на комисијата, каде има и регистар на возила на државни органи, општини, јавни претпријатија и фирми, на кој возилата може да се пребаруваат и по институција и по регистарски таблици.
Претседателката на оваа комисија вели дека, до сега не се отворени предмети поврзани со изборите и потсети дека, покрај службените возила е забрането и користење на канцелариски простор и друга опрема за потребите на изборната кампања. Забранет е и притисок и заплашување на гласачите или членовите на нивните семејства.
Во изборна кампања не може да се одржуваат и јавни настани, како пуштање во употреба на објекти изградени со државни пари, како што се патишта, водоводи, канализации, спортски игралишта, училишта и слично. Исто така, не може да се исплаќаат и дополнителни плати, пензии и социјална помош, ниту пак може да се потпишуваат колективни договори.