
Дисциплинска постапка за полицаецот кој го фотографирал Чавков
Во тек е дисциплинска постапка против полицаец кој во затворот во Шутка го фотографирал притвореникот Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност на МВР и осомничен за организација на собраниските насилства на 27-ми април. Од МВР потврдија дека е покрената постапка.
Фотографијата на Чавков во Шутка беше објавена два дена по неговото апсење. Во постапката било откриено дека сликата со мобилен телефон ја направил полицаец, а не вработена во затворската чуварска служба. Полицаецот бил дел од дополнителното обезбедување на затворот во Шутка кое подолг период е таму поради големиот број на притвореници осудени за Диво Насеље. Откако полицаецот го сликал Чавков во кругот на Шутка ја препратил преку социјалните медиуми. Дисциплинската постапка е отворена, а полицаецот не е суспендиран додека трае постапката.