Дистрибуција на доверливиот изборен материјал до општинските комисии

Под силно полициско обезбедување денеска во раните утрински часови од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола почна транспортот на гласачкиот материјал до општинските изборни комисии за првиот круг од Претседателските избори што ќе се одржат во недела на 21 април.

Нашите екипи,членовите на ДИК го подигнаа материјалот и се упатија кон своите дестинации за да го достават до Општинските изборни комисии. Од аспкет на подготовка на метријалот, досега се одвива се беспрекорно и се надеваме дека во недела ќе немаме никакви проблеми, барем што се однесува на квалитетот и изработката на гласачкиот материјал, изјави Оливер Дерковски, претседател на ДИК

Гласачкото ливче го содржи знамето на државата, редните броеви  на кандидатите, нивните имиња и презимиња  и симболите на политичките партии кои дадоа согласноста за тоа. На гласачкото ливче нема други додатоци, велат од ДИК. Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола велат дека целокупниот гласачки материјал има висок степен на заштита.

Безбедноста е на највисоко ниво, а ливчињата имаат 21 заштита. Не е можно да се фалсификува ниту едно ливче, оригиналните записници се направени на заштитна хартија, која не може да се копира, со генерирани податоци за секое избирачко место, рече Драги Милошевски, директор на печатницата Киро Дандаро во Битола.

Право на глас на овие Престедателски избори имаат  1.808.131 гласач, кои ќе гласаат  на 3480 избирачки места во државата. Избирачките одбори веќе се на пат кон 32 дипломатско конзуларни претсавништва во дијаспората, каде се пријавиле  1.782 гласачи, кои ќе гласаат во сабота.  Во сабота ќе гласаат и 3.583 болни и немоќни лица, 1.600 затвореници и  7 раселени лица.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ