
Дискусијата за проширувањето на агендата на Советот на министри на ЕУ на 19 ноември
Проширувањето на Унијата ќе биде формално на агендата на средбата на министрите за надворешни и европски работи на ЕУ, што ќе се одржи на 19 ноември во Брисел, потврдуваат за МИА од Европскиот совет.
Министрите на земјите членки на ЕУ поддржувачи на проширувањето инсистирале да биде вратена темата на агенда што поскоро, но не треба да се очекуваат никакви заклучоци. Министрите ќе разговараат за состојбата во која се наоѓа прашањето во овој момент, а дипломатски извори за МИА додаваат дека очекуваат Франција да поднесе подетални барања за предлозите за реформа на методологијата на процесот на проширување.
Проширувањето и блокадата на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија биле тема на дискусија на вчерашниот неформален амбасадорски состанок во Брисел.
Дипломатите ова го толкуваат како обид да се одржи во живот темата за проширувањето на ЕУ и политички сигнал дека ЕУ не се откажува од оваа политика.
Северна Македонија беше блокирана на последниот Европскиот Совет од страна на Франција, додека на отпочнувањето на пристапните преговори со Албанија се спротивставија и Холандија и Данска.
Франција бара да се реформира процесот на преговори и неговата методологија, но за сега Париз не поднел конкретни предлози за оваа реформа.