
Дирекцијата за заштита на податоци против увидот на УЈП во сметките
По неколкудневни жестоки дебати во јавноста околу планираните законски измени со кои УЈП ќе може да ѕирка во тртансакциските сметки на граѓаните, се огласи и Дирекцијата за заштита на личните податоци. Велат дека уште на крајот на мај годинава тие дале негативно мислење – предложените измени на Законот за банки не се усогласени со Законот за заштита на личните податоци.
„Предложените законски решенија не се во согласност со начелата за заштита на личните податоци (особено начелото на пропорционалност и неопходност), утврдени во член 5 став 1 од Законот за заштита на личните податоци. Ова особено што, предложените нови законски решенија кои се однесуваат на УЈП создаваат таканаречен “bulk pull” систем, со кој не се обезбедува пропорционално и неопходно собирање и обработување на личните податоцио, односно се овозможува преобемно и неограничено обработување на лични попдатоци, а кои лични податоци по својот обем не се неопходни во однос на исполнување на целите заради кои се обработуваат според начелата за заштита на личните податоци утврдени во член 5 став 1 алинеи 1, 2 и 3 од Законот за заштита на личните податоци“, велат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Од Дирекцијата велат дека во февруари годинава одржале состанок со Македонската банкарска асоцијација и со УЈП, и уште тогаш кажале дека претходно ќе бидат неопходни измени и на Законот за УЈП, со кои ќе се утврдат заштитни мерки за правата и слободите на физичките лица. Односно, во Законот за УЈП задолжително да се предвидат одредби за условите кои ја одредуваат законитоста на собирањето, обработката и чувањето на личните податоци од страна на Управата, категориите на податоци кои ќе бидат предмет на собирањето, категориите на субјекти, ограничувањата во однос на целите за кои тоа се прави, периодот на чување, операциите и постапките, вклучувајќи и мерки за обезбедување законско и правично собирање и обработка.
Решенијата кои се однесуваат на Царинската управа ќе треба да се избришат, сметаат од Диреркцијата. За спроведување на законската обврска за присилна наплата на царинските давачки, пак, се неопходни измени на Законот за Царинска управа, каде ќе се предвидат законски можности за обезбедување податоци од единствениот регистар на трансакциски сметки кој се води во КИБС, и новите измени да бидат во корелација со Законот за заштита на личните податоци.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ со жестоки мобвинувања, велат СДСМ со најновиот закон за УЈП удира по приватноста на граѓаните. Секогаш кога и да посака СДСМ или било кој од СДСМ ќе можат да му влезат на секој еден жител од Македонија во неговата домашна приватност, во неговите сметки и во неговиот паричник.
„Дали со удирањето по приватноста се сака да се добијат информации кои што подоцна ќе се искористат за политички малверзации и рекет врз одредени луѓе и фирми?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сите овие податоци кои до сега беа „банкарска тајна” ќе може да ги гледа било кој и да стигнат до било кого. Со ова укинување на приватноста на сметките на граѓаните, тие стануваат потенцијална мета на разни уцени, закани и останати криминогени дејанија на одредени структури, кои после овој закон многу лесно ќе може да стигнат до податоците за тоа кое семејство колку пари има и поседува.
Член 25 Устав на Република Македонија вели: „На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.“ Со овој закон на СДСМ им се укинува приватноста на граѓаните во делот на банкарските и личните сметки и до нив ќе може да дојде буквално било кој“, вели Арсовски.
Премиерот Зоран Заев вели дека најавените законски измени ќе се прават според европски норми, а целта на власта не е воопшто да ги оданочува дознаките што граѓаните ги примаат од странство, туку само да има увид во приходите што се остваруваат во земјава. Владата нема да гледа како граѓаните ги трошат парите.
И екепсртите се децидни дека законските измени нема да значат и оданочување на приватните трансфери, иако УЈП нив ќе ги дознава. Приходите од странство, пак, што се оданочиви, како што се пари од авторски договори, договори на дело, дивиденди и слично, граѓаните и досега, ако биле лојални даночни обврзници, да ги пријавуваат до УЈП, сега УЈП ќе ја проверува нивната лојалност.
„Ако имате трансфер на сопругот, кој работи во авганистанска фирма и заработил сума на пари кои ги префрла на своето семејство, тоа е приватен трансфер и не е предмет на оданочување со персонмален данок на доход. УЈП сега ќе има увид во нив,. Секако дека ќе ги гледа и тие сметлки, тоа е условно колатерална штета, но да не заборавиме дека ова е тренд во светот, даночните управи полека во речиси сите модерни земји имаат достапност до сите информации од аспект на приходите на граѓаните на трансакциските сметки“, вели Павле Гацов, даночен експерт.
Тој смета дека граѓаните, изгорени од минатото кога се прислушуваа разговорите, не треба да се сомневаат оти тоа ќе стане тренд во државата. Затоа таа, пак, мора да обезбеди строги механизми на заштита, да се знае дека ограничен број на луже ќе имаат достапност до тие информации, врз основа на безбедносни сертификати, изјави и соодветна кривична и материјална одговорност.
Нина Нинеска-Фиданоска