
Директорката на 11-ти Октомври негира одговорност за случајот со скршениот череп на ученичката
Полицијата се уште не се заинтересирала за случајот во кој 7 годишно девојче заврши со скршен череп откако метална шипка и падна врз главата во спортската сала во училиштето 11-ти Октомври во Скопје. Од таму за Телма потврдуваат дека случајот се уште не е пријавен. Ниту обвинителството не го истражува бидејќи ја чека полицијата да реагира. Во меѓувреме преку писмо реагираше директорката на училиштето Даница Блажевска откако вчера не сакаше да зборува по телефон на оваа тема. Таа вели дека настанот се случил по завршување на наставата во салата која училиштето ја издава на Културен центар Карпош.
За организацијата, безбедноста и редот е одговорно лицето кое го изнајмува просторот. ДКЦ Карпош ја користи салата за фолклор и надлежната ги опоменала учениците и побарала одговорно да се однесуваат, но тие продолжиле со влечење на мрежата што доведе до повреда на ученичката. Во салата се сместени реквизити кои се безбедни и сигурни. На видно место во салата е истакнато писмено известување за соодветно однесување на учениците кон реквизитите, кажа Даница Блажевска – в.д. директор на ОУ 11-ти Октомври.
Вчера Телма го објави случајот со повреденото дете за што мајката бараше одговорност од надлежните. Се случил пред почетокот на фолклорниот час кој требало да го држи културниот центар, но во изнајмена спортска сала на училиштето. И од културниот центар велеа дека децата биле под надзор, но повредата е резултат на детската игра токму на братот на девојчето. Оваа метална шипка паднала врз главата на девојчето откако дел од децата ја тегнеле мрежата која била обесена за шипката. На повреденото девојче морало да му се направи операција бидејки делови од искршениот череп завршил во обвивката од мозокот.
Билјана Николовска