Директорите на државните институции нема веќе да се избираат во четири очи

Раководителите во државните институции ќе се бираат на јавен оглас, со строги критериуми за интегритет и морални стандарди, и во транспарентна постапка. Ова ќе биде одредено со новиот закон за висока раководна служба кој го предлага Министерството за администрација, сеуште во нацрт верзија. Владата со овој закон сака конечно да ја професионализира и департизира администрацијата, за која сега има многу критики, а ова е барање и на Европската унија.

Законот ќе важи за извршните секретари во Генералниот, но и другите владини секретаријати, во Инспекцискиот совет, министерствата, општините, како и извршните директори во органите на државната управа и во состав на министерствата, во јавните претпријатија, здравствени установи и акционерските друштва во државна сопственост.

За вака избраните раководители, чии мандат ќе биде пет години, ќе земаат плата утврдена со закон за избрани и именувани лица, и ќе биде јавно објавена, се смета дека ќе бидат незвисни, правилно ќе одговорат на задачите, а ќе бидат имуни и на политички притисоци, но и на непотизмот кој во последниов период потресе многумина од владејачките функционери.  Откако министерот ќе каже дека има потреба да се пополни одредено место на раководител, сите што ќе сакаат да конкурираат ќе мора да се пријават на оглас, само ако имаат вкупно десет години работно искуство, од кои пет на раководна позиција.

„При изборот ќе се проверува колку кандидатите ги исполнуваат условите, ќе се бодуваат, по потреба и ќе се тестираат, а потоа ќе им се прават и интервјуа. Откако ќе се изберат тројца најдобри, ќе му се предложат на функционерот, по што тој ќе треба да пресече кој ќе дојде на позицијата“.

Бизнисот е нетрпелив, велат, сега со право имаат голема недоверба кон независноста на раководителите, се надеваат дека конечно ќе се спроведе демократски чекор со кој ќе се деполитизира администрацијата. Можеби таму ќе се пронајдат и млади од приватниот сектор.

„За бизнис заедницата ова е порака дека некои работи мора да се менуваат, важно е тие луѓе да имаат интегритет, да останат имуни на проитисоци, во законот пишува дека мора да се образовани, но тоа зависи и од нивниот личен карактер. Тие мора да бидат големи професионалци. Доколку се испочитува она што е напишано во законот, многу луѓе од приватниот сектор можеби таму ќе ја видат својата шанса да му помогнат на опшетството“, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата.

Сите раководители ќе бидат бирани од Комисија за висока раководна служба, која ќе се состои од пет члена, со мандат од шест години и со плата од три просечни во земјава, или нешто над 77 илјади денари. Ќе мора да имаат силен кредибилитет и личен интегритет. Нив, пак, ќе ги избира комисија составена од четири члена од политичките партии, од стопанските комори, ЗЕЛС и Интруниверзитетската конференција, а ќе биде формирана од Собраниската комисија за избори и именувања. Кандидатите ќе мора да поминат на јавно сослушување кое ќе оди на Собранискиот канал. Тие не смеат да раководат со државни органи, да се членови на орган на политичка партија, пратеници, советници во општините и слично. За член на комисијата може да се избере лице кое нема да биде подложно на политички или друг вид притисок, поседува раководни вештини и способност за работа под притисок и има висок општествен углед и високи морални стандарди, се вели во нацрт законот.

„Комисијата треба да биде составена од комори, работодавачи, синдикати и граѓански организации. Бараме тоа да биде ротирачки и таа ќе им помогне на политичките партии да се изземат од поставување на раководители на битни позиции“, вели Бошков.

Оваа комисија потоа ќе ги бира раководителите во јавните институции, ќе ја следи нивната работа и ќе посредува во спорови што тие ќе ги имаат со министрите или другите надредени.

 

Нина Нинеска Фиданоска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ