
Димовски бара јавна седница за разрешување на Јанева
За два дена ќе се знае дали пратениците се согласни со разрешување на Катица Јанева. Предлогот треба да го утврди Комисијата за избори и именувања, која ќе заседава во четврток. Нејзиниот претседател смета дека седницата треба да биде јавна, па бара Советот на обвинители да го декласифицира извештајот, а прашањето дали седницата да биде отворена или затворена да се решава во комисијата со двотретинско мнозинство.
Претседателот на Советот на обвинители Ацо Колевски вели дека кога ќе стигне барањето на Димовски, ќе закаже седница, а одлуката треба да ја донесе мнозинството од членовите. Ќе биде разгледана и поканата за негово присуство на собраниската комисија, но напоменува дека тоа не е задолжително и дека тие само препратиле материјал подготвен во друга институција – во Јавното обвинителство.
Извештајот, со потпис на екс претседателот на Советот, Коле Штериев, стигнал во Собранието на 30-ти август, а барањето за доверливост е примено наредниот ден. Го виделе само Димовски и спикерот Талат Џафери. На 10-мината членови на комисијата кои имаат безбедносен сертификат, ќе им биде поделено на самата седница. За другите тројца членови треба да дојдат замениците, а може да присуствуваат и други пратеници, но само со сертификат.
Доколку комисијата со просто мнозинство изгласа разрешување на Јанева, ќе биде побарано мислење од четирите најголеми партии, по што предлогот ќе го утврди Собранието на пленарна седница со двотретинско мнозинство. Конечната одлука ја носи Советот на обвинители.
Соња Николовска