Димитров: СЈО е последното делче од мозаикот за да нема оправдувања за нови одложувања

Нашата цел е првата меѓувладина конференција, со што се означува почеток на преговори со Европската унија да се одржи во декември. Предскрининг процесот се одвива, тој е при крај, а почетокот на преговорите е процес, кој ќе биде долг, но сакаме да го искористиме како алатка со која земјата ќе ја направиме европска, порача вечерва министерот за надворешни работи Никола Димитров во „Топ тема“ на Телма.

Според шефот на дипломатијата земјата покажала решителност решавајќи тешки прашања, како спорот со Грција и додаде дека сме близу до атмосферата која е поволна, ни фали едно делче во мозаикот, тоа е иднината на СЈО, за да нема ниту едно оправдување да има ново одложување.

Основната грижа на скептичните земји е владеењето на правото, колку судиите се непристрасни и колку правдата е слепа.  Во таа смисла од перспективата на скептичните земји е да се има правосуден систем со интегритет, врз кој политичарите нема да можат да влијаат. Кога ќе има случај на корупција да има одговорност, кога ќе има злоупотреба на позицијата на власт да има одговорност, кога ќе има лажирање избори да има одговорност. Излеговме од тешка криза на неказнивост, кризата во 2015/16 со прислушувањето беше криза на неказнивост, рече Димитров.

Нагласи дека е потребно со опозицијата да се најде решение за законот за Јавно обвинителство, каде се решава и статусот на СЈО, за кој е потребно двотретинско мнозинство, но потенцира дека сепак не смее да се поминува црвената линија во тие разговори.

Прашан дали има гаранција дека конечно ќе добиеме датум во октомври, Димитров не одговори конкретно. Рече дека немаме право да се опуштиме додека не добиеме одлука и напомена дека ЕУ не не одбила, туку само го одложила донесувањето на одлуката.

Одложувањето нема никава врска со нас, нема врска со тоа што дома ние можевме да го сработиме, иако секогаш можеме повеќе и подобро. За нашето досие сите јавно велат испорачавте, рече Димитров и нагласи дека мора да се земе предвид дека проширувањето како политика за многу од старите земји-членки делумно поради искуства со нови членки не е толку популарно и сега нашиот пат е потесен и пострмен отколку порано.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ