
Димитров: Опозицијата да се вклучи во процесот на решавање на името
Неучеството во процесот за решавање на името е фрапантно бегање од одговорност, без разлика дали сте дел од власта или од опозицијата, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров синоќа за ТВ 21. Според него, Владата има цврста намера да ја вклучи опозицијата, бидејќи тоа е и нејзина должност.
Димитров обелодени дека на средбата со Коѕиас немало предлог на масата.
„Одлучивме да го охрабриме медијаторот Нимиц, што е можно побрзо , можеби сега уште идната среда да излезе со една првична рамка што ќе даде надеж за суштински напредок“, вели шефот на македонската дипломатија. „Останува фактот дека меѓу нас има уште разлики и ќе видиме дали ќе биде можно тие разлики да ги надминеме“, вели тој.
Според Димитров, постигнат е договор Македонија и Грција да формираат работни групи, предводени од министрите за надворешни работи кои ќе бидат посветени на пронаоѓање решение за 25 годишниот спор.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас до сега неколку пати порача дека прозорецот за решавање на ова прашање е отворен, доколку се покаже дека ставовите на македонскиот сосед се искрени.
До решение, во јавноста се шпекулира за можни имиња. Неизвеснота ја подгреваат изјавите на некои од грчките политичари меѓу кои оние на Панос Каменос, лидер на независни Грци, коалиционен партнер во валдата. Во последната изјава која ја пренесуваат медиумите повторува дека нема да се согласи со име кое ќе го содржи терминот Македонија, односно дека не се прифатливи евентуалните предлози Нова Македонија или Горна Македонија. Сличен тврд став има и Нова демократија. На иста линија е и грчката православна врква
Сепак, очекувањата се дека решението би можело да се најде во првите шест месеци во годината. Оптимизмот е дека 25-годишниот спор околу името, ќе може да се реши во првото полугодие од оваа година, односно до Самитот на НАТО, кој треба да се одржи во јули во Брисел.
Сања Јовановиќ Дамјановска