
Димитров – Нимиц – Коѕијас седум часа ги пеглаат разликите во спорот за името
Со согласност да продожат разговорите за надминување на спорот за името завршија денеска речиси седумчасовните преговори на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција во седиштето на ОН во Виена. По средбата истовремено двете министерства лиферуваа идентично, штуро, соопштение во кое се наведува дека разговорите биле конструктивни и оти ќе продолжат.
„По конструктивната средба која е дел од напорите за наоѓање на заедничко прифатливо решение за надминување на разликата околу името, Министрите за надворешни работи се согласија да ги продолжат напорите под покровителство на ОН“, стои во усогласеното соопштение на двете министерства.
Околу десет часот утрово започна средбата Димитров – Коѕијас со посредништво на Метју Нимиц. Средбата се држеше во најстрога тајност речиси до нејзиното одржување. На денешната официјална рунда разговори под покровителство на ОН синоќа и претходеше тет-а-тет средба меѓу двајцата министри. Ни по таа средба ниту една од страните не објави никакви информации за што конкретно се разговарало.
Новата рунда разговори која за првпат е издигната на министерско ниво, претходно беше оценета како вистинскиот почеток на преговорите, бидејќи на неа ќе се се влезе во суштината на преговарачкиот процес за постигнување на взаемно прифатливо решение, а не само размена на позициите на двете страни.
Во пресрет на денешните преговорите од Грција вчера стигна потврда за нејзините црвените линии во преговорите. Грчкиот премер Алексис Ципрас вчера соопшти дека за Атина рамката што гарантира затворањето на проблемот е сложено име за севкупна употреба – исто за домашна и за меѓународна, што би се гарантирало со промена на македонскиот устав.
Македонија пак во изминативе две недели за првпат соопшти дека за неа е прифатливо име со географска одредница, но и јасно кажа дека за јазикот и идентитетот нема да преговара и дека за неа не е прифатливо промена на Уставот.
Тамара Грнчароска