Димитров и Османи од Германија се враќаат охрабрени за датумот за преговори со ЕУ

Димитров и Османи денеска ја продолжија убедувачка мисија во Берлин, за Германија да го даде својот глас во јуни за датум за отпочнување на преговори на ЕУ со земјава. Тие попладнево имаа брифинг во Комисијата за европски прашања во Бундестагот за текот на реформите и исполнувањето на обврските кои произлегуваат од договорите со Бугарија и Грција, а претходно разговараа и со државниот министер за ЕУ, Михаел Рот. За вицепермиерот Османи клучно е Бундестагот да даде најбрзо што може зелено светло за извештајот на Европската комисија за земјава, бидејќи рокот од објавувањето на извештајот до одржување на Советот на ЕУ е три недели. Со истиот краток рок се соочува и парламентот во Холандија.

„Брифиравме за неопходноста да се создаде една предвидливост во овој процес, бидејќи сите овие непредвиливи процеси можат да доведат до дополнителна компликација понатаму. Така што, сега прашањето е во кој месец Бундестагот ќе го разгледа прогрес-извештајот од ЕК за да може потоа Владата мериторно да донесе одлука во Советот на ЕУ“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Според Османи, во германскиот Бундстаг нема политичка дилема околу тоа дека земјава заслужува да го отпочне процесот на преговори.

Шефот на дипломатијата, Димитров, пак вели дека ако ЕУ сака да поддржи визионерско лидерство, политика на компромис и градење на силни институции, треба да ја поддржи земјава и да и даде датум за прегвори. Димитров вели дека од Германија нема сигнал дека има дилема околу македонскотот протфолио.

„Зборуваме главно за процесот и за времето кога ова ќе се случи, бидејќи има многу надворешни фактори што влијаат на процесот на одлучување, меѓу другото и подоцнежното објавување на извештајот на ЕК оваа година и краткото време за Бундестагот да организира информирана дебата. Во секој случај охрабрени сме“, изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи.

Димитров и Османи на вториот ден од посетат на Берлин разговараа и со претседателската на владеачката партија ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер, и на неа презентирајќи и ги аргументите зошто земјава е успешна приказна и зошто мора да добие датум за преговори од Унијата.

Димитров и Османи вчера попладне разговарале и со главниот советник на канцеларката Ангела Меркел за надворешна политика, како и со заменикот главен советник за европски прашања.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ