Димитров и Коѕијас уште еднаш ќе се соочат во Брисел

Неофицијално, новото соочување на министрите Димитров и Коѕиас ќе биде веќе во понеделник во Брисел. Министрите, кои се сретнаа во улога на преговарачи во барањето решение за проблемот што Грција го има со нашето уставно име, не го искоментираа текот на разговорите. Додека македонската страна молчи, грчките медиуми се полни со непотврдени информации. Велат дека на преговарачката маса немало нов предлог, туку се разгледувал пакетот доставен од медијаторот Нимиц и дека предност му се дава на името „Република Северна Македонија“.

Телевизијата Скај, повикувајќи се извори блиски до преговорите, објави дека на преговарачката маса се четири имиња од предлогот на Нимиц. Најмногу шанси има Северна, со оглед на тоа што македонската страна ги отфрлила Вардарска и Горна Македонија, а за грчката се неприфатливи Македонија – Скопје и Нова македонија. Новинарите на Скај велат дека Скопје е повикано да го направи крајниот избор, додека за Грција црвена линија е ерга омнес.

Според државната телевизија ЕРТ, секоја промена околу името значи менување и на целата рамка на разговорите во делот на кратенките, националноста, како ќе се ратификува ерга омнес, дали ќе може да помине во Уставот и слично. Односно, еден мал детаљ може да промени или да расипе се.

Весникот То вима Има информација дека предлогот Република Илинденска Македонија веќе не постои и дека се разговара околу начинот и временскиот рок за имплементирање на клаузулата „за севкупна употреба“.

Министерот Димитров отиде на средба во Њујорк со уверување поддржано од целата Влада, дека токму името Илинденска може да биде добро решение, за кое е прифатливо да важи ерга омнес.

По оваа рунда разговори, опозициската ВМРО-ДПМНЕ потсети дека не добиваат информации редовно, а потпретседателот Николовски целиот преговарачки процес го нарече аматерски.

Времето на неуспеси заврши, му одговори СДСМ. Наместо да навива за неуспех на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ треба да им се извини на граѓаните за грабежот, да преземе одговорност и да ги поддржи промените што ја движат земјата напред, велат од владеачката партија.

Соња Николовска

 

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ