
Димитров и Хависто се надеваат на датум за преговори со ЕУ
Две недели пред одлуката дали Северна Македонија ќе добие датум за да почне пристапни преговори со Европската унија, Финска, како претседавач со Советот, изрази надеж за позитивен одговор. При средбата со својот домаќин Никола Димитров, финскиот министер Пека Хависто потврди дека земјата направи важни чекори, но потсетува дека во Советот на ЕУ одлучуваат заедно сите земји членки
-Не можам да кажам дали сум оптимист или песимист, но дебатата за пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во Брисел се интензивира. Државите членки треба да се изјаснат. Има многу позитивни коментари, се надевам дека нашата поволна позиција како претседавач со ЕУ има влијание на тоа. Ние користиме аргумент што е поврзан не само со европските вредности туку и со картата на Западниот Балкан, кој е во средината на Европа и природно е дел од нашата соработка. Затоа се надевам на позитивен чекор во пристапувањето кон ЕУ, изјави финскиот министер Пека Хависто.
Димитров се надева дека финското претседателство ќе биде запаметено по добивањето можност за важен исчекор на евроинтегративниот пат.
Потенцира дека добивањето датум за нас ќе значи надеж, финансиска поддршка но и силен европски мониторинг.
Министрите за надворешни и европски прашања на земјите членки ќе се состанат на 15-ти октомври во Луксембург. Датумот за преговори на Македонија и Албанија ќе биде една од главните теми.
По позитивната препорака од Европската комисија, минатата недела имаше успешно гласање во Бундестагот. Франција се уште не се изјаснила, а Холандија забележува дека нашата земја има поголем напредок од западниот сосед, што отвара можност за поединечно одлучување.
Доколку министрите не се усогласат околу заклучоците, одлуката ќе се очекува од лидерите, кои ќе се состанат на на 17 и 18-ти овој месец во Брисел.
Соња Николовска