Димитров: Грција за две недели ќе ни ги отвори вратите за НАТО

НАТО веќе го подготвува пристапниот Протокол за членство на Македонија во Алијансата. Ова му го напиша Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на министерот за надворешни, Никола Димитров, во возвратно писмо.

Во писмото, Столтенберг пишува дека е предвидено Протоколот наскоро да го потпишат амбасадорите на земјите-членки на НАТО, а потоа документот ќе биде испратен на ратификација во парламентите на сите 29 земји-членки на НАТО.

Грција треба да биде првата земја која ќе го ратификува Протоколот во парламентот, а потоа Македонија ќе може да учествува на сотаноците на Алијансата, без право на глас.

Македонските власти очекуваат тоа да се случи најмногу за две недели.

Писмото на Столтенберг е всушност одговор на писмото што Димитров минатата недела го испрати до Столтенберг, во кое му напиша дека Македонија е подготвена да ги прифати обврските за членство во НАТО.

Ако се следи примерот на Црна Гора, земја која последна се приклучи на Алијансата, ќе треба околу една година за Протоколот за полноправно членство на Македонија да се ратификува во сите парламенти на земјите-членки. Дури тогаш, под името Северна Македонија, земјата ќе стане членка на Алијансата.

Марија Дивитарова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ