
Димитриевски тврди дека е негативен на коронавирус, бара отстранување на “анатемата”
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, преку објава на фејсбук соопшти дека заедно со сопругата во текот на вчерашниот ден направиле тестирања на Ковид 19 во, како што вели, неколку релевантни лаборатории во државата, при што сите тестови се негативни.
Тој побарал епидемиолошката служба при центарот за јавно здравје Куманово да ги разгледа резултатите од тестирањата , по потреба и да ги повтори и под итно да достават барање за укинување на решенијата за самоизолација за него и членовите на семејството.
“Се надевам дека моето барање ќе биде итно разгледано и реализирано во рамки на процедурите бидејќи покрај негативните тестови здравствената состојба на мене и семејството е добра и не постојат никакви симптоми ниту показатели на инфекција од Ковид 19 со цел да се вратам на секојдневните работни обврски и заедно со мојот тим во ОШЗС да продолжам со борбата против епидемијата во нашиот град и државата” – објави Димитриевски.
Анатемата мора да се тргне, пишува градоначалникот на фејсбук, иако тој самиот потврди дека е позитивен на коронавирусот на 16-ти Април.