
Димитриевски: Не добивме препораки за домашна изолација, ни беше кажано дека тоа е превентивно тестирање
Кумановскиот градоначалник за Телма изјави дека не добиле препораки за домашна изолација по направените тестови за коронавирус. Според него образложението на епидемиологот кој го направил тестирањето било дека станува збор за превентивно тестирање.
Димитриевски изрази изненадување зошто толку многу се разговарана за здравјето на функционерите а не се разговара на реалната тема а тоа е здравјето на граѓаните.
Во препораките и прописите стојат строго утврдени постапки. Јас не се тестирав самостојно, туку сите членови на штабот беа тестирани по барање на епидемиологот кој што директно работи и соработува со Министерството за здравство. И просто сум изненаден зошто тоа треба да се информира бидејќи во оваа држава постои систем, правила, роцедури кога се зема тестот се информира на кого е земен тестот, рече Димитриевски.
Тој рече дека причина за тестирањето на целиот кризен штаб бил затоа што станувало збор за ризична група со голем број на контакти кои што работат на критичните места во градот.
Тие информации одат во министерството и резултатите се враќаат назад. Главното прашање според мене е зошто резултатите доцнеа пет денови? Да ги добиевме резултатите во понеделникот, тогаш мислам дека немаше да дојдеме до оваа ситуација, рече Димитриевски.
Наместо да се подгреваат страстите во јавноста, Димитриевски порачува дека треба да зборуваме за здравјето на граѓаните. Тој изрази уверување дека министрите и премиерот се безбедни затоа што биле почитувани процедурите и постапките.