ДИК поништи седум избирачки места

Пребројувањето на гласачките ливчиња покажа дека на едно избирачко место во Зајас гласале 412 гласачи, а во кутијата имало 416 гласачки ливчиња.

ДИК го поништи по службена должност. Поради несовпаѓање на бројот на потпишани гласачи и гласачки ливчиња, ДИК го поништи гласањето и на две избирачки места во Кавадарци како и на по едно во Куманово, Охрид, Аеродром и Центар.

Од 14-те приговори на тимот на Силјановска, прифатени се половината. Конечните резултати ќе се сменат, но прегласување нема да има.

ДИК ја лоцираше одговорноста, најчесто ненамерна, кај избирачките одбори. Ќе бидат разрешени и дисциплински санкционирани.

Изборниот материјал од Зајас беше отворен за да се отстранат сомневањата предизвикани од податоците за одзивот, според кои, од 15 до 17 часот гласале 297 избирачи.

Во Охрид, на изводот за гласање за претседател се потпишале 42 избирачи, а во кутијата имало 82 ливчиња.

Во првите часови од гласањето, Избирачкиот одбор, кој давал по две ливчиња: едно за претседател, друго за градоначалник, барал потписи само на едно место.

Попладнето грешката била забележана, па новите гласачи се потпишувале на двете места, но ДИК го поништи целото гласање.

И во другите случаи се работи за грешки на избирачките одбори: без проверка, дозволувале гласање на лица што не се во избирачкиот список.

За вториот круг, ќе бидат избрани нови избирачки одбори.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ