ДИК не е пречка за промена на изборниот модел

Претседателот на Државната изборна комисија го поби аргументот на големите партии, дека пет ипол месеци е кусо време за промена на изборниот модел. СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои начелно  се залагаа за изборни правила со кои помалите партии ќе имаат шанса сами да влезат во парламентот, сега тврдат дека во предизборие е недозволиво да се менува Изборниот законик и дека до април нема време за тоа. Но, Дерковски вели дека тие се подготвени за што и да се договорат, вклучително и за отворени листи.

Од ДИК повторија дека се неопходни и измени во начинот на гласање на дијаспората, имаат и идеи за тоа, но и тука последниот збор го имаат партиите. Експертите предлагаат иселениците да гласаат електронски или по пошта, но и  тоа да се рализира, е потребна евиденција за нивниот точен број. Тоа во моментов е тешко, со оглед на тоа дека речиси никој не го пријавува своето отсуство од државата повеќе од една година. Од 2011 година, кога за првпат беше спроведено гласање на македонските иселеници, до денеска е забележан  голем пад на интересот за изборите. На последните избори не беа пријавени ни 2 илјади лица, а беа потрошени близу 500 илјади евра за да гласаат во странство.

Денеска и задружението „Инклузива„, што се бори за правото на гласање на лицата со попреченост, побара решение за нивните проблеми.

„Инклузива„ бараат од владата, да се обезбеди право на глас и на лицата кои живеат во установи или центри за рехабилитација, а ДИК да воведе посебна евиденција за овие лица како гласачи.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ