
Дијаспората ќе се попишува, но со посебен метод
Дијаспората ќе биде опфатена со претстојниот попис, но не на класичен начин. Лицата кои живеат во странство ќе се попишуваат самите, преку посебна апликација на веб страницата на заводот за статистика или, пак, податоци за нив ќе даваат нивни блиски роднини кои живеат овде.
Ова денеска го најави директорот Апостол Симовски, велејќи дека, овие лица се вклучени во пописот затоа што во државата никој не го регистрира своето иселување и државата нема статистика колку наши државјани живеат во странство. Тврди дека методот е целосно безбеден и не треба да се стравува од злоупотреби.
При пописот ќе се користат правила што ги пропишува меѓународната заедница во однос на дефинирањето на категориите на населението.
Етничката графа останува, а како и досега, на терен ќе оди само еден попишувач, освен во етнички мешаните средини, каде ќе одат по двајца и повеќе попишувачи.
Од владата најавија дека на следната седница ќе го разгледаат законот за попис на населението, за кој има начелен договор да се одржи идната пролет. Последниот успешен попис беше во 2002-та година, додека тој во 2011-та беше прекинат поради обвинувања за фалсификат.
Далиборка Демјанска Цветановска