
Дијабетичарите бараат квалитетен инсулин
Измените во законот за увоз на лекови треба да обезбедат и поголема контрола на квалитетот на инсулин што се увезува во земјата. Дијабетичарите велат дека досега со паралелниот увоз на лекови се внесуваше и голем сомнеж кај пациентите за потеклото на лековите што ги примаат. Стравот го темелат на големиот број поплаки на дијабетичарите кои реагирале не само на квалитетот на инсулин туку и на глукомерите кои не девале точни вредности на гликоза во крвта.
„Конечно да го редефинираме тој закон за увоз на лекови и се надеваме дека со следниот тендер којшто треба да се затвори при крајот на годинава, дека веќе конечно ќе се стави стоп на тие сомнежи во квалитетот на терапиите, односно дека ќе почнеме и ние да внесуваме во нашава држава се она што влегува по пат на увоз, вклучувајќи ги и инсулините да бидат проверени и сигурни“ кажа Бојан Киров, претседател на Здружението на дијабетичари на Македонија.
Во Македонија расте бројот на дијабетичари. Над 500 се деца регистрирани со дијабет тип 2, а секој десетти Македонец има дијабетес.
„Ако добро го регулираме дијабетесот, со него може сосема нормално да се живее односно да не донесе до доцни компликации и со тоа да не стане болест. Инаку во Македонија има над 100 илјади лица со дијабетес. Од нив 40.000 се на инсулинска терапија, и сите деца што се тип 1 дијабетес се на инсулинска терапија“ кажа Наташа Деспотовска Димитириевска, претседател на асоцијацијата Детски дијабет.
Здруженијата на пациенти бараат итни мерки но и долгорочни стратегии за превенција и справување со дијабетесот, како и нови инсулински и таблетарни терапии. Според нив од голема важност е и да има и детален регистар на болни од дијабетес.
Сузана Мицева