
Дидие Рејндерс: ЕУ прво ќе го расчистува сопствениот двор кога е во прашање владеење на правото
Политичка контрола врз одлуките на судиите и на изборот на обвинителите се болни точки и во неколку членки на Европската Унија. Перцепцијата на граѓаните за независноста на судството лани се влошила за 60 отсто покажува и истражувањето на Евробарометарот заради политички притисоци во судството во Унгарија, Полска или Бугарија. Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс по објавувањето на Методологијата за проширување најавува дека најпрво ќе почне голема дебата со цел да се усвојат нови, построги правила, кои ќе важат за сите подеднакво.
- Оваа година ќе го започнеме процесот со земјите членки и ќе направиме извештај за владеењето на правото со сите земји членки на ЕУ . Потоа, наредната година или за две години, ќе го направиме истото и за Западниот Балкан. Ќе ги примениме истите принципи, истите правила и за земјите од Западниот Балкан. Многу е важно да имаме политичка дебата, да се отвори вратата за поглобална дебата, поглобален пристап кон проширувањето, но секако и дека ќе може да се исполнат сите критериуми во однос на владеењето на правото“, вели Рејндерс.
Еврокомесарот Рејндерс не става временска рамка за исполнување на првиот кластер од Методологијата кој ќе почне и ќе заврши со владење на правото. Но неговото барање за реформи и внатре во Унијата се совпаѓа со она што го побара Франција. Во Европската Комисија сега се фокусирани на конечната верзија на Методологијата која очекуваат да биде одобрена од Макрон, што во Брисел неофицијално веќе го потврдуваат француските европратеници. Затоа и датумот за почеток на преговори со Македонија и Албанија го гледаат како извесен, но со голема претпазливост да не создадат атмосфера на оптимизам и големи очекувања.
Што може да очекува Македонија во Еврофокус интервју со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи како и дебата во Брисел за Методологијата со европратеници и претставници на граѓанскиот сектор. Гледајте Еврофокус вечерва во 19 и 15.
Сања Васиќ