
Џолев: Со приведувањето на пратениците законот не е прекршен
Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев не се согласува со народниот правобрнаител околу прекршувањето на имунитетот на пратениците приведени за истрагата од 27 април. На брифингот со новинарите Џолев рече дека судиите постапиле законски и посочи дека треба да се прави разлика терминолошки меѓу приведувањето и притворањето затоа што пратениците не смеат да се притворат доколку не им се симне имунитет, но дека тоа не е се однесува и на приведувањето
„Пратениците беа приведени поради барањето на обвинителството да им се определи притвор. Точно е дека се поставува прашањето дали е целисходно да бидат приведени односно дали во законскиот рок од 6 часа може да им биде одземен имунитетот, но веројатно судиите биле во дилема дали пратениците треба да бидат привилегирани со приведувањето и одлучиле да ги третираат еднакво со останатите осомничени“, кажа Иван Џолев, претседател на Кривичен суд
Судот е пред одлука какви мерки да им определи на осомничените за третиот месец од истрагата за „Крвавиот четврток“. Обвинителството за тројца осомничени, Пешевска Дурловски и советничката на Велјановски предлага поблаги мерки, додека за сите останати бараат судот да им ги определи истите мерки како и до сега.
Пратениците Пешевска, Тарчуловски и Димовски до сега беа во домашен притвор. Во Шутка се притворени пратениците Мукоски, Василевски и Арнаудов, поранешниот министер Чавков, предводниците на протестите Дурловски, Дамовски, Илиевски и Јовановски, полициски функционери и собраниски службеници и обезбедувачи. Истрагата во обвинителството денеска продолжи со исказ на нов осомничен. Како што дознава Телма од Шутка бил спроведен Илија Славевски од патриотското здружение Ќосето.
Елена Ивановска Мукоска